Ова денеска го соопшти косовскиот полициски инспекторат откако еден ден претходно директорот на Регионалната полициска управа за северниот регион на Косово, Ненад Ѓуриќ, изјави дека полицајците од српската заедница нема да издаваат предупредувања за замена на српските со косовски регистарски таблички
Косовскиот полициски инспекторат препорача суспензија на директорот на полицијата од северниот регион од земјата која одбива да ја спроведува одлуката на косовската влада за издавање предупредувања на сопствениците на автомобили со српски регистарски таблички, јави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Ова денеска го соопшти косовскиот полициски инспекторат, откако еден ден претходно директорот на Регионалната полициска управа за северниот регион на Косово, Ненад Ѓуриќ, изјави дека полицајците од српската заедница нема да издаваат предупредувања за замена на српските со косовски регистарски таблички.
Дел од планот на Владата на Косово за пререгистрација на табличките е делење на потсетници за пререгистрација на сопствениците на автомобили со ознаки на градовите во Косово, издадени од Србија. Планирано е овој план да се реализира со помош на косовската полиција во три фази во периодот од 1 ноември до 21 април 2023 година.
Во првата фаза возачите треба да бидат предупредени, во втората ќе можат да платат казни од 150 евра, додека во третата ќе се издаваат пробни таблички.
Сепак, директорот на Регионалната полициска управа за северниот регион на Косово, Ненад Ѓуриќ, изјави дека српските полицајци не можат да ги спроведат владините одлуки бидејќи тие се политички и насочени против српската заедница. Ѓуриќ додаде дека патроли на сообраќајната единица од Приштина се испратени на север, со цел да се изврши притисок.
Регистарските таблички издадени од српските власти Приштина ги смета за нелегални, но досега се толерираа на северот на Косово.
Во Косово од 1 ноември официјално стапи во сила одлуката на владата на премиерот Албин Курти, според која регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија треба да се заменат со оние што се пропишани со законите на Република Косово.
Претходно, на 31 јули годинава, прашањето за пререгистрација на автомобилите предизвика тензии на северот на Косово, кога локалните Срби ги блокираа патиштата. Затоа, Косово на иницијатива на меѓународната заедница и за деескалација на ситуацијата ја одложи одлуката за пререгистрација за еден месец.
САД и ЕУ сега повторно побараа од Косово да го одложи ова прашање за уште десет месеци. Од друга страна, официјален Белград бара договор за ова прашање, односно враќање на статусно неутралните таблички КС во употреба.