Претходно денеска Министерството за образование и наука (МОН) упати апел до училишните раководства да го подигнат нивото на безбедност вo училиштата и да продолжат со организација на воспитно–образовниот процес
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека пораките за наводно поставени бомби во скопските средни училишта се пуштени од странство.
„Пораките се пуштени од надвор од државата. Имаме сериозни индиции за тоа како се одвива целиот тој процес и во тој дел навистина работиме максимално посветено, со помош на нашите партнери, се со цел да ги прекинеме овие монструозни чинови кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните“,
кажа Спасовски во гостување во дневникот на ТВ Сител.
Министерот вели дека сите капацитети на безбедносните служби се посветени кон сериозна заштита на граѓаните во сите сегменти, меѓу кои и во сајбер безбедноста, која во денешни услови исклучително доаѓа до израз.
„Вие знаете дека имаше обиди за напади врз институциите, хакерски напади врз неколку институции во државата. Дури и при спроведувањето на пописот имаше сериозен хакерски напад на целиот систем којшто практично работеше во делот на спроведување на пописот, на неколку од министерствата итн. Тоа покажува само колку е потребно во делот на сајбер безбедноста да се преземат сите мерки и таа сајбер безбедност да ја зголемуваме преку јакнење на капацитетите материјално-технички, меѓутоа и на човечките ресурси“,
рече Спасовски.

Претходно денеска и Министерството за образование и наука (МОН) ги осуди лажните дојави за бомби кои деновиве ги добија повеќе средни училишта во главниот град, поради што нивната работа беше делумно попречена.
МОН упати апел до училишните раководства да го подигнат нивото на безбедност вo училиштата и да продолжат со организација на воспитно–образовниот процес.
По извршените антитерористички проверки на единици на МВР во училиштата беше утврдено дека сите дојави за бомби се лажни.