По повеќе од една година откако во парламентот започна процедурата за избор на тројца уставни судии, пратениците изгласаа двајца. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека во целата постапка има кршење на процедурите и со објаснување дека не сакаат да го легитимираат ваквото гласање, ја напуштија пленарната сала

Уставниот суд доби двајца уставни судии. Правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева и судијата Фатмир Скендер ќе заземат две од испразнетите четири места во Уставен откако денеска беа изгласани со мнозинство гласови во Собранието. Тие веднаш ги дадоа и свечените изјави со што и официјално стапија на функција.

И за Васиќ-Бозаџиева и за Скендер „за“ гласаа 65 пратеници, а еден беше „против“. Пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја напуштија пленарната сала пред гласањето бидејќи, како што рекоа, не сакаат да го легитимираат кршењето на процедурите при изборот на уставни судии.

„Жалам што помагате да се урниса правниот поредок и довербата во правниот поредок во државата. Жалам што не можевте да излезете од партиските стеги и на дел од Уставниот суд му залепивте етикета ’партизирана институција‘. Ваквиот Уставен суд, ваквите процедури нема да ги гласаме и нема да присуствуваме и тоа е причина поради која ќе го напуштиме денешното гласање и сите оние гласања на кои не сакаме да ви дадеме легитимитет. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да присуствуваат на давање на легитимност на нешто што успеавте да го направивте на начин што е недостоен за работата на Собранието“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, по што со неговите колеги излезе од салата.

Како што повтори и денес, опозицијата е на став дека процедурата по која се дојде овие двајца судии да се изберат е незаконска бидејќи, наместо да се заврши расправата во Комисијата за прашања за изборите и именувањата за сите предложени имиња и на крај да се испрати предлог за тројца кандидати колку што се бараа со огласот, власта направила преседан и на незавршена расправа испратила предлог до собранискиот пленум за само двајца судии.
За што станува збор?
Васиќ-Бозаџиева и Скендер се избраа по распишан оглас за тројца уставни судии откако лани во мај им завршија мандатите на дотогашните уставни судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски.
Комисијата за прашања за изборите и именувањата во Собранието започна седница во јуни лани, но истата помина во тензична атмосфера и не можеа да се утврдат предлози за уставни судии кои требаше да ги дадат пратениците. Откако и во наредните неколку месеци не можеа да се утврдат предлози, Комисијата претрпе и измени во составот поради преструктурирање на мнозинството во Собранието со излезот на Беса, а влезот на Алтернатива во Владата, но и со тоа што дотогашниот претседател на ова собраниско тело, Костадин Костадинов стана градоначалник на Струмица и го напушти парламентот. Конечно, со изменет состав и пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ како нова претседателка, Комисијата се комплетираше во март годинава, а предлози за уставни судии беа утврдени во мај.
Пратениците тогаш предложија девет кандидати. Васиќ-Бозаџиева и Скендер, како и актуелниот републички обвинител Љубомир Јовески ги предложи мнозинството. ВМРО-ДПМНЕ, пак, даде предлог од имиња: обвинителот од Вишото јавно обвинителство во Штип Тодор Витларов; охридскиот обвинител Воислав Димоски; пензионираниот универзитетски професор од Правниот факултет во Скопје, како и поранешен пратеник и претседател на Собранието Саво Климоски; професорка од Правниот факултет, Родна Живковска; управната судијка од Битола Весна Јовановска; и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Расправата за осум од нив заврши. Васиќ-Бозаџиева и Скендер добија мнозинство гласови во Комисијата за да бидат предложени за уставни судии до пленумот на Собранието, а ниту еден од шестмината предлози на опозицијата не доби поддржа од мнозинството.
Меѓутоа, расправата заглави кога на ред дојде дискусијата за Јовески да биде уставен судија бидејќи пратениците од ВМРО-ДПМНЕ започнаа филибастеринг со повеќечасовни говори и процедурални забелешки.
Во меѓувреме, од Уставниот суд со месеци наназад предупредуваа дека тие работат на работ на кворумот – со пет од вкупно девет судии, а алармот го вклучија со предупредување дека на 7 декември годинава ќе истече мандатот на една од актуелните судијки со што Уставен ќе нема ниту кворум за седници.
Во вакви услови, пратениците од власта рекоа дека нема да дозволат државата да дојде до уставна криза поради блокадите од ВМРО-ДПМНЕ, па претседателката на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата до Талат Џафери испрати предлог Васиќ-Бозаџиева и Скендер да бидат избрани за уставни судии додека во меѓувреме ќе продолжи комисиската расправа за Јовески. СДСМ беше на став дека ова не е кршење на процедурите бидејќи за секој од предлозите и во Комисијата и на пленарна седница се гласа засебно.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, поради ова поднесе интерпелација за Георгиевска како прв човек на Комисијата.