Првиот вицепремиер Артан Груби кажа дека ДУИ е стабилна, а дека во моментов, со оглед на кризата во државата, нема потреба од, како што рече, непотребно дефокусирање од реализација на проектите. Сите се построени зад Али Ахмети, додаде Груби
Неговата изјава следува откако кадри на ДУИ се потпишаа на јавна реакција за состојбите во партијата и побараа од Али Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“, за што го обвинија Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал
Во ДУИ нема никаков раскол, дециден е првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби одговарајќи на новинарско прашање како го коментира ставот на „огнената група“ од партијата која неодамна со отворено писмо побара промени во партијата, посочувајќи дека зад расколот во ДУИ стои токму Груби.
„Нема раскол во ДУИ. Ги видовте средбите вчера, сите се построени зад Али Ахмети“,
рече првиот вицепремиер и додаде оти на лидерот Али Ахмени не му треба народот туку дека на народот му треба Али Ахмети.
Во насока на ставот на „огнената група“ од ДУИ, Груби посочи дека не само што ДУИ може да функционира без него, но оти во вакви пресудни моменти, како што рече, треба да се даде придонес за надминување на сите кризи со кои се соочуваме за успешно реализирање на сите проекти.
„Не само ДУИ, која било политичка партија, која било институција, кој било општествен процес може без секого. Никој не е незаменлив. Но, се наоѓаме во пресудни моменти, ви кажав и сметам дека сите треба да дадеме придонес за да ги надминеме сите кризи со коишто се соочуваме и да дадеме придонес за успешно реализирање на сите проекти“,
рече Груби по настанот „Цивилната заштита помеѓу институциите и граѓаните“ во организација на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој додаде оти ДУИ е посилна и позастапена во институциите од кога било, реализирајќи ги сите проекти.
Во таа насока, Груби кажа дека партијата е стабилна, а дека во моментов со оглед на кризата во државата, нема потреба од, како што рече, непотребно дефокусирање од реализација на проектите.
„Во време кога се соочуваме со енергетска и ценовна криза, со процесот на скрининг и ветингот што е повеќе од потребен во политиката, кај политичарите, судиите, обвинителите, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, кога се соочуваме со скрининг и потребата за отворање на Уставот со 80 пратеници, кога сме на завршување на патот од Скопје до Тирана со автопат, од Скопје до Приштина со автопат, кога ги заокружуваме сите овие проекти, немаме потреба за непотребно дефокусирање и ние сите сили ги имаме фокусирано на реализацијата на овие програмски прашања“,
оцени Груби.

Одговарајќи на прашањето дали заслугите во ДУИ си ги припишува себеси или и на потписниците на писмото од членовите од партијата од скопското крило во кое се бара негово повлекување од позициите, Груби рече дека тој има најмалку заслуги.
Најмногу заслуги, како што рече, има Али Ахмети и народот и граѓаните што гласале за партијата.
„Сите достигнувања на ДУИ го носат потписот на сите од 2002 до 2022 година“,
додаде Груби.
Коментарите на првиот вицепремиер за состојбите во ДУИ следуваат откако кадри на партијата се потпишаа на јавна реакција за состојбите во партијата и побараа од Али Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“, за што го обвинија Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал.
Вчера, „Огнената група“ од ДУИ беше на средба со партискиот лидер Али Ахмети.
На два оддели состаноци биле ограноците од Сарај и Чаир, предводени од градоначалниците на овие општини, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и пратеникот од Чаир Изет Меџити. И едниот и другиот објавија фотографии со Ахмети нарекувајќи го „претседател и пријател“, но и порачаа цврсто стојат на ставот против извршната власт.
По средбата со партиските ограноци, Ахмети призна дека во ДУИ има меѓучовечки односи кои не се добри, но во целина, како што рече тука се одредени луѓе и овие работи треба да се поправат.
Тој рече дека на средбите со незадоволните познати како „Огнената група“ зборувале да се средат нејаснотиите, но порача дека нема ништо загрижувачко и нема ништо од тоа дека тие би можеле да формираат нова партија.
„Со овие пресметки се занимавам веќе 20 години. Извршната власт има други проблеми, ограноците и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции, што е природно. Со извршната власт, раководители на ограноци зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања. Во спротивно, нема ништо загрижувачко. Нема ништо од тоа што се зборува дека ќе се создаде нова партија“,
рече Ахмети.