„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) – Производство вчера преку соопштение објави дека нема правна основа да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона ниту, пак, има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска упати апел до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи топлинска енергија ќе има, откако вчерашното соопштение од компанијата БЕГ, која во јуни ја изгуби лиценцата за парно греење во Скопје, соопшти дека нема ниту законска основа, а ниту пак финансиски средства да го прави тоа, иако сè уште нема избор на нов вршител на дејноста и издавање нова лиценца.
Одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата за миграција на работна сила, Битиќи рече дека е обезбеден и гас.
„ЕСМ и’„Адора’ влегуваат во преговори кои мора да се согласно сите законски прописи и процедури. Сè што е возможно ќе се направи. Ние велиме дека топлинска енергија за граѓаните секако ќе има и тие треба да бидат спокојни. Да, обезбеден е и гас. Кој е изворот е најмалку важно, важно е да има гас“,
рече Битиќи.
Според него, Одлуката на РКЕ, која е независно тело, може да се побара, а членот три е јасен и дециден.
„Дојдено е време да читаат и да толкуваат треба тие што тоа го знаат. Граѓаните само треба малку повеќе да веруваат. Како што во јануари обезбедивме топлинска енергија кога бевме оставени на цедило, така и сега топлинска енергија за граѓаните на Скопје ќе има. Независно дали е ЕСМ или БЕГ, граѓаните ќе добијат топлинска енергија. Бидејќи од однесување на приватниот партнер не сум задоволен, би сакал ЕСМ да го направи тоа“,
истакна вицепремиерот и уште еднаш порача дека од закон никој не може да се огради.
И министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска ги уверува родителите да се плашат бидејќи греење во градинките ќе има.
„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) вчера преку соопштение објави дека нема правна основа да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) им одговорија дека обврската за вршење јавна дејност, регулирано производство на топлинска енергија, престанува со денот на издавање лиценца, во случајов со избор на нов вршител на дејноста.
Откако во јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија
Јавното отворање на понудите на повиците за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од Градот Скопје се одржа на 13 септември. Беа доставени понуди од ЕСМ производство на топлина ДООЕЛ Скопје, ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и ЕСМ снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, трите претпријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.
Според најавите, откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди Комисијата ќе достави предлог до Владата, што ќе биде разгледан на една од наредните седници. Со јавниот повик треба да се избере компанија која ќе го преземе работењето на „Балкан енерџи груп“, откако на крајот на јуни и беа одземени лиценците за работа поради финансиска неликвидност од високата цена на природниот гас.
Компанијата „Адора инженеринг“ во септември лани на јавна лицитација за 9,26 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, кои претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, а кои беа во стечајна постапка.
Компанијата тврди дека закуп топланите без јасна интенција за купопродажба ќе им претставува дополнителни 550 илјади евра загуби на годишно ниво.