Во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, како што велат од Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП), контролорот, во конкретниот случај МОН, мора веднаш и не подоцна од 72 часа откако дознал за нарушувањето да ја извести АЗЛП. Доколку нема можност за известување на АЗЛП во рок од 72 часа, додаваат оттаму, контролорот може да го достави известувањето постепено, без понатамошно непотребно одложување
Веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) беше хакирана викендов, на 10 септември. На сајтот на МОН пишуваше дека е хакирана од грчки хакерски тим „Netwatchers“
До Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) досега не стигнало никакво известување за нарушување на безбедноста на личните податоци од страна на Министерството за образование и наука (МОН) откако викендов сајтот на МОН беше цел на хакерски напад, а тој и во моментов не е достапен.
„Агенцијата по службена должност ќе истражи и провери дали дошло дo нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат на веб страницата на МОН, односно дали обработката на личните податоци е во согласност со правилата на Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија 42/20 и 294/2021)“,
се наведува во информацијата од Агенцијата за заштита на личните податоци.
Во зависност од состојбата, од Агенцијата наведуваат дека можат да поведат постапка на вршење вонредна супервизија.
Во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, како што додаваат оттаму, контролорот, во конкретниот случај МОН, мора веднаш и не подоцна од 72 часа откако дознал за нарушувањето да ја извести Агенцијата за заштита на личните податоци.
„Кога известувањето до Агенцијата не е поднесено во рок од 72 часа, заедно со известувањето треба да биде доставено и образложение за причините за доцнењето“,
посочуваат од АЗЛП.
Доколку нема можност за известување на Агенцијата за заштита на личните податоци во рок од 72 часа, додаваат, контролорот може да го достави известувањето постепено, без понатамошно непотребно одложување.
“Оваа обврска не се применува во случаи каде нема веројатност дека нарушувањето на безбедноста на личните податоци ќе резултира во голем ризик за правата и слободите на физичките лица“,
велат од Агенцијата.
Веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) беше хакирана викендов, на 10 септември. На сајтот на МОН пишуваше дека е хакирана од грчки хакерски тим „Netwatchers“.
Тогаш од МОН информираа дека се во комуникација со Националниот ЦИРТ центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот и од каде очекуваа со поддршка на МВР да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите.
Во меѓувреме, како што додадоа оттаму, ИТ-службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб страницата, по што повторно ќе биде активирана.
Од Министерството во саботата посочија дека нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер.
