,,Во барањето и обезбедената наредба за претрес во Управата за финансиска полиција е наведен предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција заради кој се спроведува претресот. Тој предмет нема никаква поврзаност со трагичната автобуска несреќа во Република Бугарија”, реагираа од Јавното обвинителство на РСМ по објавите во некои медиуми
Тридневните јавни препукувања на релација Управа за финансиска полиција – Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, никако да стивнат. Најновото продолжение доаѓа како реакција на Јавното обвинителство на РСМ откако некои медиуми објавија дека претресот во финансиска полиција бил по пријава во врска со „Беса транс“.
Други медиуми, пак, објавија дека ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција добило две пријави, првата за Управата, а втората се однесувала на станицата за технички преглед која водела контрола за исправноста на автобусот кој изгоре во Бугарија и со себе однесе 45 животи.
Во демантот на Јавното обвинителство пишува:
„Во барањето и обезбедената наредба за претрес во Управата за финансиска полиција е наведен предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција заради кој се спроведува претресот. Тој предмет нема никаква поврзаност со трагичната автобуска несреќа во Република Бугарија. Предметот за автобуската несреќа во целост го водеа истражните органи на Република Бугарија, а Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапуваше по меѓународна правна помош упатена од Обвинителството на Република Бугарија. Работата на компанијата ‘Беса транс’ се проверува во посебен предмет по кој постапува надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје“.
Но, за потсетување, во мај „360 степени“ објави дека ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со кое раководи Русковска, отвори предистрага за да провери зошто во Министерството за внатрешни работи со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија. Сепак, во објавата на „360 степени“ на никаков начин не е имплицирана Управата за финансиска полиција.
Претресот во Управата за финансиска полиција беше извршен на 18 јули. Тогаш од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска само кратко потврдија дека вршат претрес и оти станува збор за предмет оформен по пријава од граѓани.
Од Управата, пак, уште тогаш го квалификуваа претресот како незаконски и обвинија дека станува збор за намерно инсценирани и неосновани напади кон нив кои доаѓаат од еден ист центар (без да кажат кој). Исто така, оттаму поднесоа и претставка до државниот обвинител за постапувањето на истражителите и обвинителите од обвинителството на чело со Русковска, како и до Судскиот совет за судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје кој ја издал наредбата за претрес врз основа на барањето на обвинителството.
Случајот доби нова димензија откако директорот на Управата, Арафат Муареми, најави дека ќе поднесе кривични пријави против шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.
По ова, Русковска повика странски амбасади и европската обвинителка Лаура Ковеси да реагираат поради присоци од директорот Муареми.
Од амбасадите на САД и на ЕУ, со засебни одговори, посочија дека прашањето со Русковска и Муареми треба да го решат надлежните органи во земјава.
Дополнително, и Здружението на јавни обвинители реагираше оти немало потреба Русковска да бара надзор од амбасади или меѓународни организации, оти, според нив, ЈО има капацитети апсолутно независно да одлучува во секој предмет.