Секое бегство од референдумот е бегство од народот, а со тоа се покажува колкаво предавство се прави на Македонија и македонскиот народ, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија е добра можност политичката елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод прославата за празникот Илинден во струшко Ташмаруништа.
Тој вели дека референдумот е огледало на немоќта на власта и на нивниот морален хазард и бегајќи од него сакаат „ да го пренесат народот жеден преку езеро“ без притоа да имаат обзир за тоа каква катастрофа прифаќаат. Според него секое бегство од референдумот е бегство од народот, а со тоа се покажува колкаво предавство се прави на Македонија и македонскиот народ.
„Јавно повикувам да поддржиме референдум. Сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука и сакам уште еднаш тука да потенцирам по којзнае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата и блокадата за зачувување на Уставот од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се факт и тоа останува“,
порача Мицкоски.
Мицкоски вели дека се подготвени да ја платат секоја цена за да ја зачуваат Македонија и македонските национални интереси, а она што денеска се случува вели е историско дежа ву за аспирациите кои одредени соседи ги имаат кон Македонија. Вели не е проблем што тие удираат, вистинската болка е тоа што Македонија е продадена од внатре.
„Во овие пет години, оваа власт е најголемата разорна атомска катастрофа која ја уназади земјата, правејќи штета на националните интереси. Кога тие тргуваа за лична корист го убиваа духот на македонскиот народ и ентузијазмот за новата држава. Го убиваа сонот на сите оние деца кои го вееја сонцето на 8-ми септември“,
вели Мицкоски.
Тој кажа дека СДСМ ќе се обиде да ја обвини Европската Унија и меѓународната заедница за тоа што се случува во Македонија но и ВМРО-ДПМНЕ со оправдување дека тие недоволно се борат за националниот идентитет и интереси.
„ Тие се безрбетници кои коленичат каде ќе стигнат. Македонија нема ниту видено ниту чуено за вакви лица во својата независност. Не смееме браќа и сестри да конзумираме од лагите на власта. Не е виновна Европската Унија за тоа што се случува, виновникот има име и презиме а тоа е Пендаровски,Ковачевски,Османи и Заев. Политичката партија која е извор на сите национални порази се вика СДСМ“,
порача Мицкоски.
Додава дека власта ќе се обиде да ги прикаже како радикали и ќе се обидат да внесат етничка поделба и повика на обединување против СДСМ и ДУИ а тоа е можно како што кажа по примерот на илинденците кои никогаш не се откажаа од својата кауза.
„ Нашата љубов кон Македонија не значи омраза кон друг, туку подадена рака за сите. Патриотизмот не е национализам. Таквиот полусвет кој е финансиран од власта има за цел да внесува раздор во македонското ткиво. Тој полусвет на ДУИ и СДСМ постои за да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ за да не се види дебаклот на власта. Имаше два Илиндена, третиот беше на 8-ми септември 1991. Да се избориме за нов Илинден на кој ќе има победа на Македонија над сите непријатели и неправди, Македонија ќе победи а пламенот е разгорен и победите ќе се случат“,
кажа Мицкоски.
Единствен излез од актуелната ситуација според него, се парламентарни избори и ново мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои ќе бидат гаранција дека Македонија ќе го врати изгубеното.