Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во својата честитка по повод државниот празник 2-ри Август- Илинден порача дека Илинден е најсветлиот ден во македонската историја но и дека денеска, борбата за македонските идеали, како никогаш досега е жива, бидејќи како што вели премрежијата и сенките од минатото се надвиснати над иднината.
„Генерации на синови и ќерки на Македонија се бореа сонот за слобода да стане јаве. Под бајракот на слободата се обединија и во 1903-та година, под истиот бајрак се обединија и во 1944-та, но и ќе продолжат да се обединуваат. Светлината на овој ден во македонската меморија никогаш нема да згасне, затоа што искрата која почна со Крушевската Република беше факел кој ги водеше партизаните во народноослободителната борба и пламенот кој гореше во срцата на сите Македонци и во текот на 1991-вата се до конечната независност.
пишува Мицкоски.
Но оваа искра гори и ќе гори во секоја идна генерација на македонски родољуби, затоа што нивната света борба е вечна, да обезбедат подобра иднина за себе и за секоја идна генерација. Ние имаме историски аманет да ја градиме и чуваме нашата татковина од сите предизвици. Денес борбата, како никогаш до сега е жива, затоа што премрежијата и сенките од минатото се надвиснати над иднината“,
Тој воедно порача дека мора да продолжи борбата за идеалот за Македонија во општа сплотеност, за земјава да не стане повторно „монета за поткусурување на хегемонистичките желби на Балканот“.
„Идеалот за Македонија и борбата за подобра иднина се две работи за кои мораме паралелно да се бориме, бидејќи апатијата и сиромаштијата која сакаат да ни ја наметнат е првата стапка кон разнебитување. Овие битки мораме да ги добиеме, сплотени без разлика на нашата етничка, верска или политичка припадност. Овие битки ќе ги водиме заедно братски под бајракот на Македонија“,
стои во честитката на Мицкоски.
По повод Илинден, Мицкоски ќе го посети струшкото село Ташмаруништа, каде во 10 часот е предвидено да одржи говор пред присутните.
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот Александар Николоски, во состав од членот на ИК Драган Ковачки и пратеничката Ане Лашкоска, со почеток во 12 часот ќе положи свежо цвеќе на Мечкин Камен, Крушево.
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска, а во состав од пратеникот Бране Петрушевски и претседателот на УМС Сергеј Попов, со почеток во 10 часот ќе положи свежо цвеќе на меморијалниот центар Пелинце.