Претседателот Пендаровски додаде оти за него само едно прашање е релевантно, а гласи „Дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ“. На вака чисто прашање, тврди Пендаровски, проевропската коалиција ќе ја победи антиевропската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица со најмалку 150 илјади гласови
Зборувајќи дали е за или против референдум за францускиот предлог, шефот на државата, Стево Пендаровски во интервју за Канал 5 вечерва кажа дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, а дека станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави, како што кажа, прилично неочекувано.
„Верувате дека човекот кој ги правеше на крај заедно со неколкумина други тие ревизии кои беа неопходни за францускиот предлог да помине, човекот кој стоеше зад Преспанскиот договор, човекот кој беше за Рамковскиот договор, човекот кој никогаш не го оспори Бугарскиот договор од 2017 верувате дека може сега а каже дајте сега референдум за овие работи? Па, јас ги работев овие сите тие документи заедно со многу дгуги. Францускиот предлог на крај со Макрон директно за две-три точки заедно го работев. И сега јас да барам референдум за тоа?“,
вели Пендаровски, додавајќи дека тоа што го прави Мицкоски е политичка мобилизација на своето членство.
Претседателот додаде дека после четири години негирање на клучните договори кои ни овозможија членство во НАТО (Преспанскиот договор) и Бугарскиот договор кој ни овозможи да ги започнеме преговорите со ЕУ после 17 години чекање, фер е, како што кажа, ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се дефинираат јавно пред македонскиот народ за тоа што навистина се – антиевропски политички партии.
„Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ, толку“,
изјави шефот на државата.
На вака чисто прашање, тврди Пендаровски, проевропската коалиција ќе ја победи антиевропската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица со најмалку 150 илјади гласови.
„Ако не биде така. Сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме повелете терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, ја имате Азија, ја имате Русија“,
рече Пендаровски.
Прашан зошто се брзало со прифаќањето на францускиот предлог, Пендаровски рече дека во својот дел, ја признава вината во, како што рече, лошото менаџирање на очекувањата во јавноста.
„Медијаторите од Брисел и Париз рекоа додека не е договорено сè, се смета дека ништо не е договорено, и не треба ништо од тоа да оди во јавноста. За жал, ние тоа го почитувавме, но нашите другари, колеги и пријатели од Софија не го почитуваа“,
посочи претседателот.
Според него, штетата со шпекулациите во јавноста веќе била направена и можеле уште шест месеци да ја објаснуваат, но, како што рече, веќе добар дел од народот бил изманипулиран.
„Доцна го објавивме протоколот, доцна го објавивме предлогот. Меѓутоа, сега откако е објавен го има на интернет. Велам, кажете каде пишува ние само како Бугари ќе влеземе во ЕУ. Покажете ми, каде пишува…нигде“,
рече Пендаровски.
Реално ситуацијата, посочи Пендаровски, е дека од првичните барања на Бугарија и првичната бугарска декларација, нема неколку од нивните клучни барања.
„Прво до 44 година да пишеме во учебници и секаде дека ние сме биле Бугари. Тоа го нема во рамката. Второ, македонскиот јазик бил до 1944 година дијалект на бугарскиот јазик. Тоа го нема во рамката. Од 1941 до 1944 година биле ‘администратори’, а не ‘окупартори’, и тоа го нема во рамката. Точка 12 од Договорот вели еднаш годишно владите се собираат и велат да видиме до кaде сме сега и што сме постигнале“,
изјави Пендаровски.
Претседателот нагласи дека Комисијата за историски прашања работи веќе три години, од 2019, и покажала дека таму се луѓе со интегритет и дека сите се експерти.
„И со ова што досега го договорија историчарите ние почнавме преговори. Значи некакво движење имаме. Како ќе биде понатаму, јас имам апсолутна доверба во луѓето од Драги Георгиев, до последниот член на Комисијата“,
додаде претседателот.