Откако беше спречена физичка пресметка меѓу пратениците од СДСМ, Мартин Костовски, и од Левица, Димитар Апасиев, конфликтот меѓу двајцата продолжи со вербални навреди на социјалните мрежи. Костовски се пофали дека има здрав ум бидејќи успеал да се исконтролира во моменти кога била засипан од пцости и навреди од како што вели „невротичниот колега“.
„Безброј навреди, колнења и закани можеби може да ги реши еден нокаут, но тоа на улица, не во храмот на демократијата. Агресијата на Апасиев кон мене е само изблик на неговата немоќ и ништо повеќе од тоа. Соочен со целосен распад и неуспех на сценаријата за насилно стопирање на европската иднина на државата, на Апасиев не му преостана ништо друго освен да ги пренесе тензиите во Собранието. Лудилото ќе се заборави, ама рационалноста народот ќе ја памети“,
пишува Костовски на својот Фејсбук профил.
Паралелно, со свој статус се јави и Апасиев. Тој, употребувајќи жаргонски речник, за Костовски вели дека е „сељак“.
„Со сељаците – сељачки. Со интелектуалците – интелектуално“, пишува тој во кусиот коментар со хаштази, „немој ти на мене“ и „немој мене агресија“.