Според СДСМ, мрежата се поврзува и со компанијата „Фор-ај-џи“, која според партијата ја гради инфраструктурата за медиумска контрола и влегува на македонскиот пазар како трет мобилен оператор по средбите со премиерот Христијан Мицкоски

Вучиќ преку Орбан ги купи последните слободни медиуми во Србија – на ред е Македонија. Ова попладнево во соопштение го наведуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и додаваат дека тоа претставува остварување на нивните претходни предупредувања за, како што велат, воведување целосен медиумски мрак во регионот.
Од опозициската партија обвинуваат дека преку унгарската мрежа на Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ е извршено преземање на медиумите Н1, Нова С, Радар, Форбс адриа и Данас.
Според соопштението на СДСМ, новиот директор впишан во овие медиуми е Педро Варгас Сантос Давид, чиј татко Марио Давид бил долгогодишен советник на Виктор Орбан.
СДСМ потсетува дека истиот фонд „Алпак капитал“ (Alpac Capital) во 2022 година го има преземено мнозинскиот удел во „Еуроњуз“, со помош на околу 45 милиони евра кои биле дојдени преку унгарски државен фонд.
Според СДСМ, мрежата се поврзува и со компанијата „Фор-ај-џи“, која според партијата ја гради инфраструктурата за медиумска контрола и влегува на македонскиот пазар како трет мобилен оператор по средбите со премиерот Христијан Мицкоски.
Од СДСМ тврдат дека истиот модел за контрола на медиумите од Србија се пресликува и во Македонија. Според нивните процени, унгарски капитал веќе контролира околу 40 отсто од македонскиот медиумски пазар, а сега се подготвува влез и на српски медиумски структури.
„Мицкоски нема резултати и нема пари во буџетот. Потребни му се медиуми како заштита на неговата криминална власт. Единственото што му преостанува е да го стави под своја контрола и медиумскиот простор откако веќе целосно ги презеде правосудството и полицијата“,
велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека зад уредувачките и организациските процеси за овој модел во земјава стојат познати новинарски имиња и дека овие чекори не претставуваат обично купување медиуми, туку целосно заземање на јавниот простор.
„Латас е задолжен за уредувачкиот дел. Ивона Талевска за ‘Вучиќевиот Еуроњуз’. Целта е јасна: целосна контрола на информативниот простор пред избори. Медиумски мрак. Без слободни медиуми. Без критика. Без вистина“,
наведуваат од СДСМ.
Денеска, српскиoт медиум Н1 пренесе дека сопственикот на компанијата „Алпак капитал“, Педро Варгас Сантос Давид, официјално е регистриран како директор на сите независни медиуми од „Адриа њуз нетворк“ (ANN), член на „Јунајтед груп“ во Србија.
Во написот се додава дека од она што може да се види во Агенцијата за деловни регистри, одлуките за назначување на сопственикот на „Алпак Капитал“ се донесени денес, 17.8.2026 година.
Синдикатот на порталот и весникот Нова и неделникот Радар и Синдикатот Н1 и Форбс денес го осудија начинот на кој португалската компанија „Алпак капитал“ ги презема медиумите во Србија кои работат во рамките на групацијата „Адриа њуз нетворк“, која сè уште е дел од „Јунајтед груп“.
