Според процената на синдикатот, може да се заклучи дека португалската компанија брза што поскоро да ги преземе Н1, Нова, Данас и Радар, без претходно да ги добие сите потребни дозволи и согласности од надлежните институции, па со поддршка на „БЦ партнерс“, косопственик на „Јунајтед груп“, почнала да ги заменува првите луѓе во редакцијата

Сопственикот на компанијата „Алпак капитал“, Педро Варгас Сантос Давид, денес официјално е регистриран како директор на сите независни медиуми од „Адриа њуз нетворк“ (ANN), член на „Јунајтед груп“ во Србија, пишува српскиот медиум Н1.
Во написот се додава дека од она што може да се види во Агенцијата за деловни регистри, одлуките за назначување на сопственикот на „Алпак Капитал“ се донесени денес, 17.8.2026 година.
Оттаму наведуваат дека Михаило Јовиќевиќ, директорот на порталот и весникот Нова, како и на неделникот Радар, се сменети, а потоа и Александра Митиќ, директорка на компанијата „Дан граф“, која е издавач на Данас, како и Брент Садлер од позицијата директор на „Адрија њуз“, односно Н1.
Садлер, се додава во написот, е отстранет и од позицијата директор на „Адрија њуз Нова С“, на која неодамна беше назначен. Во истиот пакет заменет е и Јанез Живко, кој беше и директор на телевизијата „Нова С“.
„По повод оваа вест, забележуваме дека процесот на преземање на ‘Адриа њуз нетворк’ продолжува во согласност со претходно објавените планови, а промената на сопственоста нема да влијае на уредувачката политика на ТВ Н1, ниту на начинот на кој нашата редакција ги донесува уредничките одлуки. Уредничкиот тим на Н1 продолжува да работи според истите професионални принципи и стандарди како и досега. Уредничкиот тим ја задржува целосната одговорност за изборот на теми, методите на известување и уредничките одлуки во јавен интерес“,
се вели во написот.
Синдикатот на порталот и весникот Нова и неделникот Радар и Синдикатот Н1 и Форбс денес го осудија начинот на кој португалската компанија „Алпак капитал“ ги презема медиумите во Србија кои работат во рамките на групацијата „Адриа њуз нетворк“, која сè уште е дел од „Јунајтед груп“.
„Ова е направено среде летните одмори, без никакво известување до вработените, што предизвика уште поголема загриженост. Фактот дека Педро Варгас е регистриран како нов директор е особено загрижувачки, додека компанијата ‘Јунајтед фајбер сарл’, која работи или работела во рамките на ‘Јунајтед груп’, продолжува да биде сопственик“,
се вели во соопштението.
Според процената на синдикатот, може да се заклучи дека португалската компанија брза што поскоро да ги преземе Н1, Нова, Данас и Радар, без претходно да ги добие сите потребни дозволи и согласности од надлежните институции, па со поддршка на „БЦ партнерс“, косопственик на „Јунајтед груп“, почнала да ги заменува првите луѓе во редакцијата.
„Новинарите од нашите медиуми се сомневаат дека работите нема да застанат тука и дека ќе продолжат со промени на уредниците, со намера да ги усогласат преостанатите независни и професионални медиуми со желбите на сегашниот режим“,
се вели во соопштението.
Како што додадоа, ставот на редакцијата е јасен – промените на раководните позиции и во сопственичката структура нема да влијаат на уредувачката политика, нивниот професионален став кон новинарската работа и интегритетот – сè додека редакциите работат со сегашниот состав.
„Факт е дека ниту еден потег што досега го презеде менаџментот на ‘Адриа њуз нетворк’ не влева доверба дека станува збор за добри намери. Затоа им кажуваме на новиот сопственик и на менаџмент дека медиумите не се само бизнис, тие пред сè одговараат на јавноста и јавниот интерес, а дури потоа на сопственичките структури. И јавноста е таа што ќе суди“,
додаваат тие.
Тие тврдат дека заради таа јавност сите овие години се бореле да работат независно, професионално, во согласност со највисоките принципи на професијата.
„Одолевавме на сите притисоци, напади, вербални и физички, и ќе продолжиме да се спротивставуваме. Затоа, бараме од новиот директор итна средба со претставници на репрезентативните синдикати и писмена гаранција дека уредувачката политика и ставовите на уредниците и новинарите нема да бидат засегнати“,
се вели во заедничката изјава на синдикатите на тие медиуми.
