ДЗС информира дека сепак во пожарот не е изгорена ниту една населена куќа и дека вечерва сите жители на селото ќе спијат во своите домови. Директорот Стојанче Ангелов изјави дека изгорени се неколку стари и напуштени куќи или куќи во кои сопствениците престојуваат повремено и дека во пожарот нема повредени лица

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вечерва рече дека во пожарот кај прилепско Чаниште не е изгорена ниту една населена куќа и дека вечерва сите жители на селото ќе спијат во своите домови.
„Изгорени се неколку стари, напуштени куќи или куќи во кои сопствениците престојувале повремено. Нема повредени лица“,
вели Ангелов.
Ангелов додаде дека тим на ДЗС составен од доброволни пожарникари од Битола работи на гаснење на крак од пожарот во атарот на Чаниште. Тој сподели снимки и фотографии на кои се гледа како пожарникарите се борат со огнот додека гори насекаде околу нив.
Според ДЗС, пожарот кај Чаниште бил пријавен денеска околу 13:30 часот, на оддалеченоста од 35 километри од Прилеп, а огнот брзо се проширил и навлегол меѓу куќите. Во пожарот две жени вдишале чад, а по интервенцијата на Итната помош сега се чувствуваат добро.

Како што изјави Ангелов, лошиот пат исполнет со кривини го забавиле пристапот на противпожарните екипи на кои им било потребно околу еден час за да пристигнат на терен.

Ангелов уште еднаш упати апел до сите граѓани за максимална внимателност и пријавување на какво било сомнително однесување. Тој предупреди дека деновиве земјата е затрупана со намерни палежи и дека во вакви временски услови е потребна само една искра за да предизвика катастрофа.
