Ангелов вели дека пожарникарите се борат со два тешки крака од овој пожар за кои локалните жители рекле дека навлегуваат во висока трева, трње и суви грмушки. Тој се надева дека барем едниот крак ќе успеат да го изгаснат во текот на ноќта

Голем пожар избувна попладнево во близина на прилепското село Чаниште, а огнот брзо се прошири и навлезе меѓу првите куќи. Според првичните информации, изгореле неколку стари куќи и една во која живееле повозрасни лица. Ова вечерва во вонредна изјави го кажа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој додаде дека во овој пожар две жени вдишале чад, а по интервенцијата на Итната помош сега се чувствуваат добро. Тој рече и дека нема повредени мештани ниту, пак, пожарникари.
Ангелов кажа и дека дополнително ќе биде утврдено колку куќи биле зафатени од пожарот, а од она што досега е познато е дека е изгорена е и една штала, а дека постои можност да се зафатени и повеќе објекти што биле користени за повремен престој.
Пожарот бил пријавен околу 13:30 часот, но оддалеченоста од 35 километри од Прилеп и лошиот пат исполнет со кривини го забавиле пристапот на противпожарните екипи, на кои им било потребно околу еден час за да пристигнат на терен.
„Пожарникарите веднаш тргнале кон селото, но во моментот кога навлегле, огнот веќе бил меѓу првите куќи. Пожарот навлегол од различни правци, што значи дека најверојатно е подметнат бидејќи линијата на огнот е доста долга“,
изјави Ангелов.
На терен, покрај прилепските пожарникари и локалното население, итно се упатени и тимот за брз одговор на ДЗС и дваесетина доброволци од Противпожарното друштво „Архангел“ од Битола.
„Благодарение на прилепските пожарникари огнот е сопрен и е спречена поголема катастрофа бидејќи тој можел да се пренесе на остатокот на селото. Потоа огнот излегол во два различни правци надвор од селото“,
вели Ангелов.
Тој додава дека сега пожарникарите се борат со два тешки крака од овој пожар за кои локалните жители рекле дека навлегуваат во висока трева, трње и суви грмушки.
Ангелов се надева дека барем едниот крак ќе успеат да го изгаснат во текот на ноќта бидејќи условите дозволуваат безбедно гаснење во ноќни услови.
Овој пожар има капацитет да прерасне во еден од најголемите пожари во оваа сезона затоа што во околината е карпест терен, ритчиња, стрмни долови со сува трева.
Дополнителна опасност, рече тој, има и селото за остане без струја, за што биле известени екипи на ЕВН.
„Има една бандера што е изгорена, се ниша и виси на жиците. Се надевам дека нема да падне“,
рече тој.
Ангелов уште еднаш упати апел до сите граѓани за максимална внимателност и пријавување на какво било сомнително однесување. Тој предупреди дека деновиве земјата е затрупана со намерни палежи и дека во вакви временски услови е потребна само една искра за да предизвика катастрофа.
Претходно попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека до 18 часот во државата се регистрирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, два се под контрола, а 13 се изгаснати.
