За малку беше избегнат сериозен инцидент во Собранието, откако пратениците Димитар Апасиев од Левица и Мартин Костовски од СДСМ почнаа да се туркаат во салата, но за среќа не дојде до физичка пресметка.
На снимката која ја објави Алсат-М, се гледа дека потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми ги раздвојуваат двајцата пратеници.
Апасиев влезе и во вербален конфликт со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а Џафери му рече да не мавта со прст за да не му биде искршен.
„Претседателе, прв и последен пат да ви биде со прст да ме карате зашто не сум ви дојден дома. Вие сте тука прв меѓу еднаквите и како таков не треба да го узурпирате столчето на кое седите. Ако имате реплика кон некој пратеник, ќе си земете реплика, ќе кликнете на копчето, ќе си дојдете тука или можете од место. Така е процедурата. Не можете вие со фусноти да дофрлате на секој пратеник. Почитувајте го деловникот затоа што вие сте најзаслужен…“,
рече Апасиев.
Џафери побара да му биде изгасат микрофонот на Апасиев и реагираше на тоа пратеникот на Левица се заканувал со прст.
„А кој си па ти да ми покажеш прст. Ајде збори што имаш да збориш и не ми мавтај мене тука. Имаш збор, збори што имаш да кажеш и не мавтај со рака. Ајде“,
одговори Џафери.
Апасиев уште една повтори дека тоа треба да биде прв и последен пат како Џафери мавтал со прст и ја напушти говорницата.
„Не мавтај со прст оти може да ти биде скршен тој прст. Ајде“,
му одговори Џафери.