Како што објавија дел од грчките медиуми, во леталото се наоѓале три лица – пилотот и еден брачен пар. На местото на настанот веднаш пристигнал лекар од регионалната амбуланта, но надлежните соопштија дека сите патници се мртви

Ужасна хеликоптерска несреќа го потресе грчкиот остров Сифнос каде што денеска се урна хеликоптер во ретко населено подрачје во близина на манастирот „Панагија Вриси“, објави грчкиот весник Катимерини.
Станува збор за приватен хеликоптер што се урна во областа Толос. Леталото паднало само неколку секунди откако полетало од хелиодромот во таа област.
Како што објавија дел од грчките медиуми, во леталото се наоѓале три лица – пилотот и еден брачен пар. На местото на настанот веднаш пристигнал лекар од регионалната амбуланта, но надлежните соопштија дека сите патници се мртви. Идентитетот како на пилотот, така и на патниците им е познат на локалните власти.
Хеликоптерот бил изнајмен, а пилотот бил ангажиран пред само два месеци.
„Го видов хеликоптерот како доаѓа, губи висина и се врти во круг“,
изјави очевидец на настанот.
Други очевидци велат дека малиот приватен хеликоптер експлодирал и се претворил во огромна огнена топка по ударот.
Оперативниот центар на противпожарната служба бил известен за инцидентот во 18:17 часот. На терен интервенирале двајца пожарникари со едно возило, а повикана била и спасувачка екипа од островот Сирос.
Сифнос е дел од Кикладските Острови и се наоѓа во јужниот дел на Егејското Море.
