Во пресрет на министерскиот Совет за општи работи на ЕУ (вторник, 21 јуни) и Европскиот совет (самит на шефови на држави и влади – четврток и петок, 23 и 24 јуни), од бугарското МНР, со кое раководи министерката во оставка, Теодора Генчовска (кадар на ИТН на Слави Трифонов), велат дека во оваа фаза сè зависи од Комисијата за надворешна политика во парламентот, од која бараат да свика седница за да може да се консолидира бугарска позиција во однос на францускиот предлог. Без тоа, како и без став од владата, велат дека МНР има мандат само да се придржува до позициите што се претходно утврдени
Во соопштението од Министерството се посочува и дека нема објективна можност до крајот на француското претседателство (30 јуни) да се исполнат краткорочните критериуми наведени во рамковната позиција
Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија попладнево објави став за францускиот предлог за преговарачката рамка за Северна Македонија и заклучоците на Советот на ЕУ.
МНР, на чие чело е министерката во оставка, Теодора Генчовска, од партијата Има таков народ која излезе од владата, се бара Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент да закаже седница на која ќе се разгледаат предлог-документите од Франција. Исто така, се вели и оти без нивен и став од бугарската влада, тие имаат мандат само да се придржуваат до претходно утврдените бугарски позиции.
„Би било целисходно Комисијата веднаш да свика седница со учество на МНР, да се разговара за сите достапни документи, да се формулира консолидирана бугарска позиција и да се утврдат следните чекори на бугарската дипломатија. Би било оптимално ако владата уште претходно го изнесе својот став за ова важно прашање за земјата. Доколку тоа не се случи, МНР има мандат само да се придржува до Рамковната позиција, Декларацијата од Народното собрание од 2019 година и заклучоците од Советодавниот совет за национална безбедност од 2022 година, на кои предложената нацрт-преговарачка рамка не соодветствува целосно“,
пишува во соопштението од бугарското МНР.
Во соопштението се посочува и дека во оваа фаза нема објективна можност до крајот на француското претседателство да се исполнат краткорочните критериуми рамковната позиција на бугарската влада.
„Можно е до крајот (на француското претседателство) да има јасност за следните чекори во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија со сите потребни гаранции за бугарските интереси и правата на Бугарите во соседната земја“,
пишува во соопштението.
Во продолжение, интегрално го пренесуваме ставот кој попладнево го објави МНР на Бугарија:
,,Во изминатите шест месеци, и покрај сите противречности, Министерството за надворешни работи систематски работеше на изнаоѓање решение за случајот со Република Северна Македонија и за гарантирање на бугарските интереси.
Министерството се раководеше од разбирањето дека не постои единствен документ, без разлика не неговата содржина и форма, што ќе исполни сите барања од Рамковната позиција, Декларацијата на Народното собрание од 2019 година и заклучоците од Советодавниот совет за национална безбедност од 2022 година, кој ќе биде прифатлив за сите земји членки на ЕУ и за Република Северна Македонија. Врз основа на ова, се бараше можност отворените прашања да се решат преку неколку меѓусебно поврзани документи – Преговарачката рамка, заклучоците на Советот на ЕУ и протокол од заедничка (меѓувладина, н.з.) седница според член 12 од Договорот од 2017 година.
Ниту еден од овие документи самостојно не ги исполнува бугарските барања. Меѓутоа, заедно тие би можеле да ги опфатат. Главниот предизвик е во однос на факторот време. Во оваа фаза веќе не постои објективна можност да се исполнат краткорочните критериуми утврдени во Рамковната позиција до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ. Можно е до неговиот крај да има јасност за следните чекори во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија со сите потребни гаранции за бугарските интереси и правата на Бугарите во соседната земја. Бугарската страна го поздравува конструктивниот пристап на Франција која имаше средби со сите бугарски институции на темата и по долга работа покажа разбирање за позициите на државата. Франција го докажа не само пријателството со нашата земја, туку и посветеноста на процесот на проширување на ЕУ.
Во исто време, сè уште има одредени аспекти во предложената нацрт-преговарачка рамка и заклучоците на Советот на кои следува фокусирано да се работи за застапување на бугарските интереси. Клучно е да биде потпишан и билатералниот протокол со Скопје.
Во нормални услови и процедура, откако ќе се добиеше официјален предлог од француското претседателство, Министерството за надворешни работи ќе ги доставеше до Владата добиените документи и извештај за нивната содржина и важност. Врз основа на тоа, владата можеше да донесе одлука или евентуално да го достави предлогот за расправа на пленарна седница на Народното собрание. По одлуката на Владата и/или Народното собрание, Министерството за надворешни работи ќе ја подготвеше официјалната бугарска позиција за да ја презентира на европско ниво.
Во моментов, МНР не може да подготви и брани официјален став за овие документи, бидејќи нема одлука ниту на владата ниту на Народното собрание. Со својата одлука од 15.6.2022 година, Владата го задолжи Постојаното претставништво на Република Бугарија во ЕУ веднаш да го испрати до Комисијата за надворешни работи на Народното собрание секој предлог што отстапува од Рамковната позиција од 2019 година. Беше одлучено и бугарските претставници да не се изјаснуваат за предлогот додека не се расправа во Народното собрание.
Во согласност со ова, Постојаното претставништво на Бугарија во ЕУ ги испрати до Комисијата за надворешни работи документите предложени од француското претседателство веднаш штом беа примени. Исто така, беше испратен и извештај на министерството за текот на преговорите и постигнувањата во оваа фаза. На крајот на работниот ден на 17 јуни (петок) Комисијата го побара од МНР и нацрт-билатералниот протокол. Веднаш беше испратен со писмо во кое се објаснува неговата содржина. Во 19 часот во Народното собрание немаше никој што можеше да ги прими овие документи. МНР е подготвено да го достави бараниот нацрт-протокол и денеска, недела, бидејќи и во моментов работи на ова клучно прашање за земјава.
Во оваа фаза, целиот процес целосно зависи од Комисијата за надворешна политика на Народното собрание, која сè уште нема закажано состанок на оваа тема. Би било целисходно Комисијата веднаш да ја свика оваа седница со учество на МНР, да се разговара за сите достапни документи, да се формулира консолидирана бугарска позиција и да се утврдат следните чекори на бугарската дипломатија. Би било оптимално ако владата уште претходно го изнесе својот став за ова важно прашање за земјата. Доколку тоа не се случи, МНР има мандат само да се придржува до Рамковната позиција, Декларацијата од Народното собрание од 2019 година и заклучоците од Советодавниот совет за национална безбедност од 2022 година, на кои предложената нацрт-преговарачка рамка не соодветствува целосно.“
*Поврзани вести:
Петков: Не верувам дека до среда ќе има собраниска дебата за РСМ
Радев смета дека Петков треба да има став за францускиот предлог: Тој не е курир, туку премиер
Нинова до Радев: Не шпекулирајте, ветото ќе падне само ако одлучи Народното собрание
Трифонов забележува зошто во францускиот предлог има „македонски јазик“ и се зборува за малцинство
Демократска Бугарија ќе го поддржи францускиот предлог: За Иванов тој е многу добар
Ковачевски: Нема да го коментираме францускиот предлог додека членките на ЕУ не го усогласат
Османи: Ќе кажеме наш став за францускиот предлог кога ќе дојде време за тоа