Владата нема да го укине ветото, единственото тело што може да одлучи за тоа е парламентот бидејќи тој и го ратификуваше Договорот за добрососедство помеѓу Бугарија и Северна Македонија, порачува лидерката на БСП барајќи од Радев да не собира поени за личен рејтинг по прашањето за ветото
Корнелија Нинова, лидерка на Бугарската социјалистичка партија (БСП) која е коалициски партнер во владата на Кирил Петков, го прозва бугарскиот претседател Румен Радев да престане да шпекулира за Македонија за да добива поени за личен рејтинг.
„Господине претседател, да се користи патриотизмот на Бугарите за личен рејтинг е подло“,
реагираше Нинова на Фејсбук.
Нејзините прозивки до Радев доаѓаат откако претседателот го критикуваше Петков зошто неговата влада нема став за францускиот предлог за кревање на ветото туку ја префрли топката во бугарското Собрание за тоа да одлучува.
Нинова, пак, му порачува на Радев дека токму парламентот е единственото тело кое може да ја тргне блокадата за Северна Македонија.
„Ја повикувате владата да ги отфрли сите сомнежи дека може да го укине ветото за РСМ. Покренувате сомнеж. Владата постојано повторува: Нема да го укинеме ветото. Единственото тело што може да го направи тоа е парламентот. Во текот на неделата Советот на министри донесе недвосмислена одлука дека секој предлог од Брисел ќе се испрати до Националното собрание и тоа да одлучи. Многумина прашуваат зошто? Па одговорот е едноставен: Затоа што Националното собрание го ратификуваше Договорот со Република Северна Македонија и ниту едно друго тело не смее да ги менува условите на овој договор“,
вели Нинова.
Лидерката на БСП му порачува на Радев дека парламентот е највисокиот органи во една парламентарна република затоа што во него се е јавно и транспарентно и таму се застапени и власта и опозицијата и можат да се запознаат со вистинските факти без некој да манипулира со нив.
Петков претходно порача дека во следната недела на Самитот во Брисел ќе оди со став од Народното собрание, а не со став на Владата за тоа дали ќе го укине ветото.
„Дваесет пати повторив дека нема да има одлука на оваа тема без бугарскиот парламент, како да не сум рекол. Никој не го слушаше ова, не беше во прилог да се слушне од никого, сакаа да се случува повторно и повторно. Она што ќе го видите во следните неколку дена ќе биде конечниот одговор на ова прашање. Јас како премиер нема да донесам никаква одлука доколку тоа не биде донесено од бугарскиот парламент. Следната недела ќе одам во Брисел, ако немаме одлука на бугарскиот парламент, единственото што ќе кажам во Брисел е: Ветив дека оваа одлука треба да ја донесе бугарскиот парламент и бидејќи не е донесена, јас нема да направам никаква промена во бугарската позиција“,
рече Петков кој изрази и сомнеж дека пратениците би можеле да дискутираат и донесат одлука до среда (22 јуни) – еден ден пред почетокот на Самитот во Брисел.