Прифаќањето на препораките значи покачување на платите за 15 отсто од септември, да нема кратење на платите за април кога 12 дена наставниците не одржуваа настава, да се потпишат нови колективни договори и растот на платите да биде по нова методологија

Претставниците на Министерството за образование и наука (МОН) и на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ги прифатија сите препораки на посредникот кој беше назначен за решавање на спорот помеѓу двете страни, соопштија вечерва од МОН.
Тоа значи, дека и двете страни се согласиле да има покачување на платите на вработените во основните и средните училишта од 15 отсто почнувајќи од септември годинава, а воедно и да нема кратење на платите за април кога поради генералниот штрајк 12 дена немаше настава во школите.
„МОН и СОНК ги усогласија и ставовите за потпишување на нови колективни договори за основно и средно образование кои одат во прилог на унапредување на општествената и економска положба на вработените во двете области. Исто така, утврдена е и нова методологија за постојан раст на платите во образованието, како и спроведување на низа други заеднички активности за унапредување на воспитно – образовниот процес во училиштата“,
додаваат од Министерството.
Оттаму потенцираат дека предлозите од посредникот се прифатени нотирано е и со потписи на учесниците на последниот состанок помеѓу двете страни.

„Со тоа се потврди и дека опцијата за надминување на предизвици со помош на посредник е ефикасна и ќе овозможи продолжување, но и јакнење на социјалниот дијалог помеѓу МОН и СОНК, кои остануваат партнери фокусирани на градење подобар и поквалитетен национален образовен систем“,
велат од МОН.