Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21% зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието, напиша премиерот на Фејсбук
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва упати апел до СОНК за итно, брзо и целосно прифаќање на договорените условите и одговорност, откако претседателот на СОНК Јаким Неделков и министерот за образование Јетон Шаќири објавија дека постигнале согласност по барањата, преку предлози на медијаторот.
„Успеавме да постигнеме значаен договор за вработените во образованието и покачување на платите од дури 15%, почнувајќи од септемвриската плата. Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21% зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието. До пред само 5 години, максималното зголемување на платите беше 4%, без глобални кризи. Сега, во услови на најголема економска и енергетска криза, покрај огромното процентуално зголемување, на вработените во образованието, преку колективните договори ќе им се овозможи и усогласување со минималната плата како и други придобивки. Воедно, ќе се дефинира методологија за континуиран раст на платите со што ќе се заштити стандардот на наставниците и ќе се овозможи континуирано зголемување на плата без потреба од дополнителна владина, институционална или политичка интервенција“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Тој упати апел до СОНК за брзо и целосно прифаќање на договорените условите и одговорност за да можат институциите да продолжат со конкретни активности за спроведување на овој историски раст на платите во образованието.