Мицкоски вели дека не би поднеле ниту интерпелација за Талат Џафери бидејќи таа нема да успее. Во однос на блокадата најави дека таа ќе продолжи на сè она за кое сметаат дека е спротивно на интересите на граѓаните, а како еден од примерите ги наведе предлозите за уставни судии
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, денеска го повтори својот став за блокадата од ВМРО-ДПМНЕ и кажа дека тоа опозициската партија го прави од политички причини заради обезбедување некакви внатрепартиски позиции
Вечерва ќе заседава Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе ги разгледуваат следните чекори на опозициската партија која пред една недела започна активна блокада на Собранието.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски денеска не сакаше да открива на што следно би се одлучила партија давајќи одговор дека сè е на маса. Она што не доаѓа предвид е напуштање на Собранието.
„Почекајте, вечерва имаме Извршен комитет. Ако ги кажеме следните чекори, да не го држиме тогаш состанокот. Имаме ние демократска атмосфера на одлучување, да отвориме дебата, да ги слушнеме и останатите членови на ИК и ќе излеземе многу скоро со динамиката на чекорите. Сè е на маса, само не е напуштање на парламентот. Тоа задоволство оваа власт нема да го има оваа власта за да може од законот за марихуана, па наваму сè да си поминат“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека опозицијата веројатно нема да поднесе ниту интерпелација на Талат Џафери поради објавената снимка со навреди кон вработените во собраниските служби бидејќи, како што рече, таа нема да успее односно мнозинството ќе го брани собранискиот спикер со цел да не падне владата на Димитар Ковачевски.
Блокадата во Собранието, според изјавата на Мицкоски, ќе продолжи, односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе блокираат сè што сметаат дека не е во корист на граѓаните, а ќе дозволат да се носат само закони за повисоки плати и пензии, субвенции итн.
Меѓу оние процедури што ќе ги блокира опозицијата, најави нејзиниот претседател, е и изборот на уставни судии. Оваа процедура започна во петокот кога на собраниска комисија се утврдија девет предлози за три испразнети места – три предлози на СДСМ и коалицијата и шест на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, на опозициската партија не ѝ се допаѓаат предлозите од мнозинството, како што се актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески и правничката Татјана Васиќ која била советник во министерствата за здравство и правда.
„Сè она што цениме дека е спротивно на интересите на народот ќе го блокираме и така ќе се однесува во иднина. Еве сега на пример имате избор на уставни судии. Имате еден предлог кој е кабинетски службеник на поранешен министер за здравство кој во животот нема една минута стаж треба да биде уставен судија и еден добар и слеп послушник кој пет години не гукна нешто против Зоран Заев и власта. Како Кацарска што стана уставен судија, треба уште двајца такви да станат уставни судии. Сега ние тоа треба да го поддржуваме?“,
рече Мицкоски.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, денеска го повтори својот став за блокадата од ВМРО-ДПМНЕ и кажа дека тоа опозициската партија го прави од политички причини „заради обезбедување некакви внатрепартиски позиции“.
„Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, досега велев опозицијата, меѓутоа очигледно е дека не е опозицијата, туку дека се работи само за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги гледаме другите политички партии кои имаат поодговорен пристап од опозицијата, дека ова го прават чисто од политички лични причини, за обезбедување некакви си позиции во самата партија. Уште еднаш ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат не пред партија, туку пред граѓаните, со оглед дека Собранието треба да работи за да се носат закони што значат унапредување и на стандардот, на задржување на стандардот на граѓаните, меѓутоа и на овозможување подобри услови на компаниите во ова кризно време“,
рече премиерот.
Тој повтори дека според него блокадата на ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен погрешен чекор во време на кризни услови кога нè очекува тешка зима.
„Ги гледате изјавите на сите лидери во Европа, меѓутоа и на сите лидери во соседството, дека се работи за исклучително кризен период. Не очекува исклучително тешка зима и Владата работи на обезбедување сè што е потребно за ценовните шокови да бидат што помали и на обезбедување на енергенсите кои ќе овозможат непречено снабдување на домаќинствата, но и непречено снабдување на индустријата. Во подготовка е и ребалансот кој предвидува намалување на сите трошоци кои не мора да бидат направени со цел да има средства за најранливите категории граѓани и за поддршка на компаниите кои веќе почнаа да се реализираат преку Банката за развој“,
рече премиерот.
Според него, Собранието е место каде што сите политички партии се застапени и каде што постојат комисии за сите области во општествениот и економскиот живот во кои пратениците може на најдемократски начин да разговараат за сите закони и да ги унапредуваат.