Откако ќе ја добие поддршката, Андерсон најави и носење владина одлука. На прес-конференцијата денеска премиерката на тамошната јавност ѝ порача заедничка кандидатура со Финска за членство во Алијансата и истакна дека тоа е најдобро за Шведска и за нејзината безбедност

Откако Финска вчера официјално започна со постапката за зачленување во НАТО, на истиот пат е и Шведска со која се очекува заедно да поднесат кандидатура.
Премиерката Магдалена Андерсон најави дека денеска ќе побара широка поддршка од пратениците, која и се очекува да ја добие со оглед дека во Шведска се создаде големо мнозинство кое поддржува членство во Алијансата.
Пред руската инвазија на Украина, и владејачката Социјалдемократска партија на Андерсон не беше за членство, но по повеќедецениско противење дојде во пресврт на ставовите.
Откако ќе ја добие поддршката од пратениците, Андерсон најави и владина одлука.
„Ќе се уверам дека постои широка парламентарна поддршка во Риксдагот за шведското барање за членство, а потоа ќе бидеме подготвени да донесеме владина одлука“,
изјави премиерката на прес-конференција.
Таа нагласи дека заедничка кандидатура со Финска е најдобра за Шведска и за нејзината безбедност.
Додека двете земји се подготвуваат за влез во Алијансата, Русија секојдневно испраќа предупредувања и закани. Последното предупредување денеска го испрати рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, оценувајќи дека влезот на двете земји во НАТО ќе биде уште една грешка со далекусежни последици.
Според него, пристапувањето во Алијансата ќе доведе до радикална промена на ситуацијата во светот и порача дека оти никој не треба да има илузии дека Русија така едноставно ќе го прифати тоа.
„Безбедноста во Шведска и Финска нема да биде зајакната по влезот во НАТО“,
вели Рјабков во изјава што ја пренесува весникот „Известија“.
Тој додава дека доколку двете држави станат дел од НАТО, од ситуацијата ќе зависи како Русија ќе ја осигури својата безбедност.