По двочасовната средба на претставниците на СОНК и МОН, која е во рамки на новиот десетдневен рок за за усогласување на отворените прашања со посредство на помирувач, не беа соопштени детали од средбата, а нова средба е закажана за в петок
Синдикатот утре ќе има средба и со Министерството за труд и социјална политика на која, како што наведуваат од МТСП, ќе биде отворено прашањето за Колективниот договор за предучилишни установи, кој истекува во јуни, како и прашањето за постојното законско решение во делот на исплата на плати
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) денеска во седиштето на Синдикатот одржаа уште една средба на преговори за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, како и за дефинирање на крајни рокови за склучување на новите колективни договори за основно и средно образование.
Денешната средба на МОН и СОНК е во рамки на новиот десетдневен рок за усогласување на отворените прашања со посредство на помирувач, откако првите десет дена од преговорите со посредство на медијатор поминаа без спогодба за барањата на Синдикатот.
По двочасовната средба на претставниците на Синдикатот и Министерството, не беа соопштени детали од средбата, а нова средба е закажана за в петок.
Синдикатот утре ќе има средба и со Министерството за труд и социјална политика на која, како што наведуваат од МТСП, ќе биде отворено прашањето за Колективниот договор за предучилишни установи, кој истекува во јуни, како и прашањето за постојното законско решение во делот на исплата на плати.
Штрајкот на вработените во основното и средното образование, Синдикатот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок од 10 дена истече во неделата, по што СОНК и МОН се договорија да ги продолжат преговорите за уште десет дена.
Просветните работници бараа покачување за 18,4 отсто, а властите ветија 12 отсто, но досега не дојде до заеднички договор.
Вчера, пак, Владата донесе одлука да нема продолжување на учебната година, прашање што се покрена по речиси тринеделниот штрајк на вработените во основните и средните училишта.