Со оваа одлука се потврдува вековниот идентитет на македонскиот народ различен од останатите балкански народи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во честитката до црквата
Признавањето на Охридската архиепископија за канонска е една од најсветлите одлуки важна за нашата света Македонска православна црква (МПЦ) и за македонскиот идентитет, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната одлука на Вселенската патријаршија.
„Дотолку повеќе е нејзиното значење, што одлуката доаѓа по повеќедецениското и повеќестрано негирање на македонскиот национален идентитет, меѓу кој е токму и улогата на нашата црква која несомнено по оваа одлука станува дел од големото семејство на православни заедници, независна и рамноправна на другите. Сакам да честитам на истрајноста, мудроста и упорноста на поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан, како и сите останати владици и членови на Светиот Синод на нашата црква, на тој начин успевајќи да обезбеди континуитет на православниот идентитет како важен супстрат на идентитетот на македонскиот народ. Со оваа одлука се потврдува вековниот идентитет на македонскиот народ различен од останатите балкански народи“,
вели Мицкоски.
Претходно честиташе и премиерот Димитар Ковачевски оценувајќи ја одлуката како историска, но и како признавање на континуитетот на нашата црква со Охридската архиепископија.
„Денеска со одлуката на Вселенската патријаршија ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охридска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска архиепископија“,
порача Ковачевски.