Бугарскиот премиер кажа и дека неговата утрешна посета на Битола, каде што ќе се отвори клуб на здружението „Иван Михајлов“, покажува колку силна поддршка дава неговата влада на бугарската заедница во Северна Македонија
Бугарскиот премиер Кирил Петков во денешна изјава за медиумите порача дека секогаш неговата влада се придржувала до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција на Бугарија за Република Северна Македонија, како и дека нема потпишано никаков документ од бугарска страна во преговорите, јавија бугарските медиуми.
Тој зборуваше и за неговата утрешна посета на земјава кога со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на покана на Културниот центар „Иван Михајлов, ќе присуствуваат на отворањето на новиот клуб на ова здружение во Битола.
„Одам за да ја покажам силната задача што ја има бугарската влада да ја поддржи бугарската заедница во Македонија, но мило ми е што можам да кажам дека верувам дека во моментов и Владата на Република Северна Македонија е свесна колку голем приоритет е ова за Бугарија и за нас. Фактот што утре ќе бидеме толку многу луѓе од толку различни партии покажува поддршка за бугарската заедница“,
вели Петков.
Неговата изјава поврзана со документ доаѓа откако вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека постои документ кој би можел да биде основа за договор и оти за истиот нема одговор од Бугарија, како и во период кога коалицискиот партнер на Петков, Слави Трифонов од Има таков народ (ИТН) го обвини дека сака без никакви гаранции да го тргне ветото за Северна Македонија.
Инаку, по изјавата на Османи, на прашања од бугарските медиуми, тамошното МНР порача дека тие ја информирале Северна Македонија уште во февруари дека предлозите од Скопје се неприфатливи за нив.