Сè додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија, сметам дека не се созреани тие предуслови за јас да можам да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, изјави Османи одговарајќи на новинарско прашања за можен договор со Бугарија
Во моментот кога ќе имаме согласност по однос на кој било документ дека може да биде основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис на тој документ, ќе дојдеме и ќе ги информираме пратениците и јавноста, изјави денеска на прес-конференција во Скопје министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи нагласи дека сè уште не може да каже дека имаме договор меѓу двете страни по однос на еден документ што треба да биде сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Република Бугарија.
„Да, има еден таков документ којшто ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сè додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“,
истакна Османи, одговарајќи на новинарски прашања за можен договор со Бугарија.
Прашан дали „кочницата“ за решение се коалициските партнери на бугарскиот премиер Петков, Османи рече дека не е во ред да ги коментира внатрешните динамики во Република Бугарија.
„Знам дека тие планираат решението да го поминат и во нивното собрание. За да се помине во собранието, се разбира дека сите коалициски партнери треба да го поддржат тоа решение. Ако тоа значи нешто, но не мислам дека е во ред јас да ги коментирам односите во Бугарија. Се надевам дека во ова време е потребно стратешко лидерство. Време е за стратешки одлуки во ЕУ, во регионот“,
изјави Османи.
За тоа дали има поместување во политичкиот дел и политичките разлики, рече дека со министерката комуницира на дневна основа, додека премиерот Ковачевски со бугарскиот премиер.
„Ќе ја повторам оцената – има постигнато напредок во размислувањата како да се надмине ова прашање. Во однос на тоа како, што и кога, но не можам да кажам дека за еден документ има согласност целосна од бугарската влада за да можам јас да ги информирам пратениците веднаш, да го споделам документот и да ја информирам јавноста. Не можеме ниту да разговараме поединечно со секој чинител во Бугарија ниту, пак, да ги коментираме различните ставови“,
рече Османи.