Во неколку градови низ Украина утрово се огласиле воздушни сирени
На дваесет и вториот ден од војната во Украина, во неколку градови низ Украина утрово се огласиле воздушни сирени.
Неколку експлозии утринава одекнаа во главниот град Киев.
Најмалку едно лице загинало, а тројца се ранети откако остатоците од соборен проектил погодиле станбена зграда, соопшти украинската служба за итни случаи.
Наводно, зградата е погодена во 5:02 часот по локално време (4:02 часот по средноевропско) утрово во областа Дарницки во главниот град, по што пожарникарите и спасувачкиот персонал се испратени на самото место.
Евакуирани се жителите од единаесеттиот кат и повисоки катови, а се спроведуваат спасувачки операции за расчистување и потрага по затрупаните под урнатините, објави Државната служба за вонредни состојби, која објави и фотографии од местото.




Украинските власти соопштија дека за прв пат бил гранатиран и Запорожје.
Американската амбасада во Украина соопшти дека руските сили убиле 10 луѓе додека чекале ред за леб, во градот Черников на северот на Украина.
Заменик-градоначалникот на Мариупол изјави за Би-би-си дека руските сили го погодиле градскиот драмски театар, каде имало 1 000 цивили.
Тој ја објави информацијата на својот канал на Телеграм рано утринава, нарекувајќи го инцидентот „уште една трагедија“, пренесува ДПА.
Би-би-си истакнува дека со огромни букви на паркинзите од двете страни на бомбардираниот и целосно уништен театар во Мариупол, бил испишан зборот „дети“ (деца). Натписите се направени за да се гледаат од авион. Ова го покажуваат сателитски снимки направени од компанијата Махар пред два дена, објави Би-би-си.
Во Мариупол руските војници држат како заложници 400 лекари и пациенти, изјави градоначалникот.
Украинската страна соопшти дека досега се убиени вкупно 500 жители на Харков.
Украина тврди дека убила уште еден руски генерал, како и дека го ослободиле градоначалникот на Мелитопол.
Четвртата рунда преговори што се одржа вчера постигна одреден напредок, при што украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека разговорите „почнуваат да звучат пореално“.