Руската страна во изјава вели дека прерано е да откриваат какви било договори, а украинската страна пак, вели дека секој договор ќе вклучува руските сили да ја напуштат територијата на Украина
Русија и Украина направија план за прекин на огнот, кој содржи 15 точки, пишува „Фајненшл Тајмс“.
„Планот вклучува прекин на огнот и повлекување на Русија доколку Киев прогласи неутралност и прифати ограничувања на своите вооружени сили“,
велат лица вклучени во преговорите.
Како што е наведено, предложениот договор, за кој првпат разговараа украинските и руските преговарачи во понеделникот, ќе значи дека Киев ќе се откаже од своите амбиции да се приклучи на НАТО и ќе вети дека нема да биде домаќин на странски воени бази или оружје во замена за заштита од сојузниците, како што се САД, Велика Британија и Турција.
„Прерано е да се откриваат какви било договори меѓу Русија и Украина“,
рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги информациите дека се подготвува план за решавање на ситуацијата во Украина.
Од украинска страна, пак, Михаил Подољак, висок советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за Фајненшл тајмс изјавил дека секој договор ќе вклучува „руските трупи во секој случај да ја напуштат територијата на Украина“ заробена од почетокот на инвазијата на 24 февруари – односно јужните региони долж Азовското и Црното Море, како и територијата источно и северно од Киев.
Инаку, денеска се одржа нова рунда преговори за која портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека се разговарало за тоа Украина да стане неутрална држава со статус кој би можел да се спореди оној на Австрија и Шведска. Главниот руски преговарач, Владимир Медински, како што пренесоа западните медиуми, рекол дека австрискиот и шведскиот модел ќе значат дека Украина ќе може да ја задржи својата војска, но нема да ѝ биде дозволено да прима странски бази или трупи.
Украина, пак, ги отфрли предлозите на Русија за усвојување неутрален статус по примерот на Австрија и Шведска, велејќи дека разговорите со Москва за прекин на огнот треба да се фокусираат на безбедносните гаранции и дека евентуален договор би бил „украински модел“.