Во текот на ноќта имало значително гранатирање во Чернихив на северот на Украина, а погодена е и станбена зграда, но пријавен е само еден повреден, веројатно затоа што луѓето ги следат советите и се засолнуваат под земја. Гранатирања имало и во Харков
Во украинската престолнина утрово во 8 часот заврши полицискиот час кој траеше цел викенд.
Стотици илјади луѓе ги поминаа последните два дена под земја. Полицискиот час беше укинат и тие конечно можат да го напуштат своето засолниште. Но, половина час подоцна се огласија сирените за воздушен напад и тие мора да брзаат назад, известуваат репортерите на големите светски медиуми куќи кои се во Киев.

Периодот кога нема ниту полициски час ниту, пак, се слушаат сирени ќе го искористат набрзина да набават храна, вода, да излезат на свеж воздух и да видат како изгледа градот.
Градските власти на украинската престолнина ги повикаа граѓаните на Киев да не излегуваат од своите домови освен во случаи на крајна нужда.
„Борби и натаму се водат практично во сите делови на градот“,
се наведува во соопштението лиферувано преку апликацијата за размена на пораки „Телеграм“.

Притоа се советуваат луѓето да излегуваат од домовите само за набавка на храна или лекарства.
„Синоќа беше релативно мирно во Киев, иако се регистрани престрелки со диверзантски извидувачки групи. Активностите во градот се воглавно насочени во подготовки за одбрана“,
се вели во соопштението.
Продавниците и јавниот превоз низ градот утрово работаат, со тоа што возовите од подземната железница соорбаќаат поретко од вообичаеното.
Во сила останува полицискиот час во периодот од 22 до 7 часот.
Се известува за константни судири меѓу украинските сили и таканаречените руски диверзанти во речиси секој округ.
Во текот на ноќта имало значително гранатирање во Чернихив на северот на Украина, а погодена е и станбена зграда, но пријавен е само еден повреден, веројатно затоа што луѓето ги следат советите и се засолнуваат под земја. Гранатирања има и во Харков.
Локалните власти објавија и дека руските сили зазеле поморска база на југот во Бердијанск.
Би-би-си објави мапа на која е прикажано до каде пристигнаа руските сили во инвазијата на Украина и кои делови ги контролираат.

Министерот за одбрана Олекси Резников рече дека над 100 000 Украинци се приклучиле кон вооружените сили. Тој, исто така, ова го нарекува европска војна и вели дека сега нема граници меѓу Украина и Европа.

Вредноста на руската рубља падна на ново ниско ниво во однос на доларот поради строгите санкции бидејќи аналитичарите предупредуваат на нов можен удар на руските банки.
ЕУ презеде чекор без преседан за испраќање оружје во Украина, затворање на воздушниот простор за руските авиони и забрана на руските државни медиуми во Унијата.
Фон дер Лајен во неделата објави дека ТВ-каналот РТ, порано познат како Раша тудеј, и Спутник ќе бидат забранети во ЕУ.
„Ќе ја забраниме медиумската машинерија на Кремљ во ЕУ. Државните РТ и Спутник и нивните подружници повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат војната на Путин“,
рече таа.
„Развиваме алатки за забрана на нивните токсични и штетни дезинформации во Европа“,
додаде фон дер Лајен без да даде повеќе детали.
Земјите членки, исто така, најавија дека ќе примат украински бегалци и ќе го заобиколат вообичаениот процес за барање азил.
ОН денеска треба да одржат итна специјална седница на која ќе бидат вклучени сите 193 земји членки.
Во меѓувреме, сепаратистичките лидери во источниот украински регион Донецк соопштија дека ја откажале својата воена мобилизација, пренесе ДПА.
Потребниот број области се окупирани, изјави денеска на руската државна телевизија лидерот на самопрогласената народна република Денис Пушилин.
„Тоа беше целта на повикот за борба. Со поддршка на руските сили, бунтовниците во Донецк и Луганск ја зазедоа територијата контролирана од украинските сили во последните денови“,
рече тој и додаде дека сега е време да се фокусираат на „хуманитарната компонента“.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела ги призна двата отцепени региони на источна Украина како независни пред да започне целосна инвазија на земјата.