Украинското министерство за внатрешни работи јави дека армиските команди во Киев и Харков се гаѓани со ракети. Според медиумски извештаи, експлозии се слушаат во источноукраинскиот пристаништен град Мариупол, како и во Одеса
Во тек е телефонски разговор на украинскиот претседател Володимир Зеленски со американскиот претседател Џо Бајден
Путин го предупреди Западот дека секаков обид за мешање ќе има последици „какви што досега не се видени“
Руските трупи ја напаѓаат Украина од Русија и Белорусија, јави украинската гранична служба. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба зборува за „војна од големи размери“.
Украинските граничари и контролните пунктови се гаѓани од страна на руските трупи со артилерија и тешко вооружување, јавува украинската погранична служба. Украинското министерство за внатрешни работи јави дека армиските команди во Киев и Харков се гаѓани со ракети. Според медиумски извештаи, експлозии се слушаат во источноукраинскиот пристаништен град Мариупол, како и во Одеса.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вели дека станува збор за „војна од големи размери“ против неговата земја.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин одобри воена операција во источноукраинскиот регион Донбас и побара од воените сили на Украина да го положат оружјето. Тој, како што вели, реагирал на барање на лидерот на сепратистите во источна Украина кој е верен на Москва.
Во телевизиски говор Путин рече дека Русија нема да ги толерира заканите од страна на Украина, јави агенцијата Интерфакс. Според Путин, Русија нема за цел да ја окупира Украина. Тој го обвини „режимот“ во Киев за крвопролевањето.
Истовремено, Путин го предупреди Западот дека секаков обид за мешање ќе има последици „какви што досега не се видени“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги потврди дека Русија извршила ракетни напади, јави Би-би-си.
Претходно медиумите соопштија за голем број експлозии во Украина, за кои се претпоставуваше дека се напади од руската војска.
Зеленски истакна дека Русија извршила ракетни напади врз инфраструктурата на Украина и врз граничарите.

Тој, исто така, го повика својот Совет за национална безбедност и одбрана да прогласи воена состојба. Се очекува Советот да одржи итен состанок на кој ќе се реши ова прашање
Во тек е телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден.
Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко, им изјави за новинарите на официјалната ватсап-група дека руските војници се истовариле во градот Одеса и ја преминуваат границата кон градот Харков. Герашченко додаде дека имало ракетни напади на аеродромот Василковски во близина на Киев.
Тој исто така рече дека градоначалникот на Днепропетровск Борис Филатов му се јавил да каже дека слушна експлозии.
Итна седница на Советот за безбедност на ООН
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш упати апел до рускиот претседател Владимир Путин да не издава наредба до војниците да ја нападнат Украина во контекст на извештаите за неизбежен напад.
„Денот беше полн со шпекулации и индикации дека е неизбежна офанзива против Украина. Значи, ако навистина се подготвува операција, имам само едно да кажам од се срце. Претседателе Путин, запрете ги вашите војници да ја напаѓаат Украина, дајте му шанса на мирот. Премногу луѓе веќе умреа“,
рече Гутереш на итниот состанок на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

Во тек е итна седница на Советот за безбедност на ОН. Амбасадорот на Украина во ОН Сергиј Кислица изјави дека рускиот претставник во ОН потврдил дека неговиот претседател Путин и објавил „војна на мојата земја“, пренесува Би-би-си.
„Доцна е, драги колеги, да се зборува за деескалација. Рускиот претседател објави војна“,
рече тој.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го осуди рускиот „непромислен напад“ врз Украина.
Во објава на Твитер, тој вели дека со нападот „се доведуваат во ризик безброј животи на цивили“.
„Ова е сериозно прекршување на меѓународното право и сериозна закана за евроатлантската безбедност“,
додава тој.
Столтенберг посочи дека сојузниците од НАТО ќе се состанат за да се осврнат на „обновената агресија“ на Русија.
I strongly condemn #Russia’s reckless attack on #Ukraine, which puts at risk countless civilian lives. This is a grave breach of international law & a serious threat to Euro-Atlantic security. #NATO Allies will meet to address Russia’s renewed aggression. https://t.co/FPpyuzmUXD
— Jens Stoltenberg (@jensstoltenberg) February 24, 2022
Амбасадорите на НАТО утрово треба да одржат итен состанок за рускиот напад врз Украина, изјави претставник на Алијансата за западни медиуми.
Европскиот Совет и Европската Комисија заеднички ја осудија руската инвазија во Украина која започна во текот на оваа ноќ, лидерите на земјите членки на ЕУ се состануваат вечерва за вонреден самит, јави МИА од Брисел.
„Го осудуваме на најостар може начин рускиот воен напад без преседан врз Украина. Со своите неиспровоцирани и неоправдани воени дејствија, Русија најбрутално го крши меѓународното право и ја поткопува европската глобална безбедност и стабилност“,
порачаа преку заедничко соопштение претседателите на Европскиот Совет и Европската Комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен.
ЕУ ја повика Русија под итно да стави крај на нападот и да ги повлече своите сили од Украина.

Дваесет и седумте шефови на држави и влади на ЕУ во текот на денот ќе пристигнат во Брисел за вонреден лидерски самит на ЕУ за да се координираат за начинот на кој треба да се одговори на рускиот напад и да одлучат за нови посилни санкции против Москва.
Првата фаза од санкциите на ЕУ беше усвоена вчера. Денеска Европската Комисија ќе им предложи на лидерите усвојување на нов пакет поостри рестрикции.
ЕУ додаде дека е подготвена да и помогне на Украина со итна хуманитарна помош и ќе се координира со членките на НАТО и Г7 кои исто така се состануваат денеска.
Американскиот претседател Џо Бајден ја осуди воената акција на Русија, веднаш откако рускиот претседател Владимир Путин најави воена операција во Украина.
„Молитвите на целиот свет се со народот на Украина вечерва, бидејќи тие трпат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили. Претседателот Путин избра војна со предумисла која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко страдање. Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат на обединет и решителен начин. Светот ќе бара одговорност од Русија“,
се вели во соопштението на Бајден.