Постои ризик и од намерно таргетирање и погрешна идентификација на цивилни авиони. Присуството и можната употреба на широк опсег на копнени и воздушни борбени системи претставува висок ризик за цивилните летови на сите височини и нивоа на летови, соопшти Украинската државна компанија за воздушен сообраќај
Украинската војска денеска потврди дека соборила пет руски авиони и хеликоптер на истокот од земјата во близина на енклава под контрола на бунтовниците.
„Според командата на Здружените сили, денеска, 24 февруари, во областа на операцијата на Здружените сили, беа соборени пет авиони и еден хеликоптер на агресорите“,
соопшти Генералштабот на армијата.
Руските сили тврдат дека уништиле неколку украински воздушни бази.
Украина денеска го затвори својот воздушен простор за цивилни летови предупредувајќи за висок ризик по безбедноста, додека европскиот авијациски регулатор, исто така, предупреди на опасностите за летање во граничните области на Русија и Белорусија поради воени активности.
На својата веб-страница, Украинската државна компанија за услуги за воздушен сообраќај соопшти дека воздушниот простор на земјата е затворен за цивилни летови почнувајќи од 00:45 часот по Гринич во четврток, со прекин на услугите на воздушниот сообраќај.
Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) соопшти дека воздушниот простор во Русија и Белорусија на 100 наутички милји од нивните граници со Украина, исто така, може да претставува безбедносни ризици.
„Конкретно, постои ризик и од намерно таргетирање и погрешна идентификација на цивилни авиони. Присуството и можната употреба на широк опсег на копнени и воздушни борбени системи претставува висок ризик за цивилните летови кои работат на сите височини и нивоа на летови“,
соопшти агенцијата во билтенот за зоната на конфликтот.