Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинет на бившиот премиер Никола Груевски, Мартин Протуѓер, поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски како и четворица други обвинети во „Титаник“ признаа вина, некои за сите дела, некои за дел од делата
Денес во ВМРО-ДПМНЕ е нова генерација на луѓе кои креираат автентична политика што треба да донесе промени што на државата и се неопходни. Ова е време на големи предизвици со коишто оваа Влада не може да се справи поради својата неспособност. Денешните признанија во судскиот процес се доказ за постоење брутален политичкиот прогон и терор од страна на власта, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на пратеникот на СДСМ Дарко Каевски во врска со признанијата на обвинетите во случајот „Титаник“.
„Само за потсетување дека се соочуваме со власт којашто држеше во заложништво пратеник во премиерската вила само за да опстане извршната власт. Ако тоа се случи пред некој месец на овој начин, може само го замислиме степенот на теророт врз овие луѓе за да се спроведе денешното сценарио на ‘признавање на вина’. Оваа власт го потценува овој народ кој беше сведоци на многу вакви епизоди последните пет години. Оваа власт е на колена. За оваа власт се приоритет криминалот и корупцијата што се тера под изговор на кризна ситуација. Ова власт не турка се подоле во сиромаштија додека индивидуалци се богатат“,
се вели во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека има луѓе што ќе направат позитивна промена во оваа држава и дека нема да отстапат пред какви било притисоци.
Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинет на бившиот премиер Никола Груевски, Мартин Протуѓер, поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски како и четворица други обвинети во „Титаник“ признаа вина, некои за сите дела, некои за дел од делата.
Признавањето вина доаѓа откако денешното рочиште за случајот „Титаник“ почна од почеток бидејќи имаше промена на поротник во судечкиот совет.
Јанкулоска признала вина за сите делата за кои се гони, а Протуѓер и Јанакиески не признаа само за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.
Дел од нив рекоа дека ќе преземаат одговорност како морален чин, како и дека сметаат оти овој судски процес не ни требало да почне со оглед на помилувањата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.