Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинет на бившиот премиер Никола Груевски, Мартин Протуѓер, поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски како и четворица други обвинети во „Титаник“ признаа вина, некои за сите дела, некои за дел од делата
Денеска се потврди целата вистината за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, преку признанија на некогашни високи функционери од оваа партија. Денешното признание е потврда за целиот криминал на ВМРО-ДПМНЕ, за сите изборни измами на режимот предводен од Никола Груевски, реагираа од СДСМ, откако денеска Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска и Мартин Протоѓер признаа вина по обвиненијата во судскиот предмет „Титаник“.
„Злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на пари. Ова е показател како ВМРО-ДПМНЕ со години ја фалсификувало изборната волја и како биле злоупотребени парите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е злостроничко здружение!“,
рече пратеникот Дарко Каевски.
Според владејачката партија ова е причината и зошто ВМРО-ДПМНЕ овие денови отвораат теми кои немаат врска со реалноста и побараа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да се извинат и да ги вратат парите, назад кај граѓаните.
„Одовде, од пред белиот дворец, симболот на криминалот и коруцпцијата ја упатуваме порака дека правдата излегува на виделина и секој одговара пред законите“,
рече Каевски на прес-конференцијата што ја одржа пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинет на бившиот премиер Никола Груевски, Мартин Протуѓер, поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски како и четворица други обвинети во „Титаник“ признаа вина, некои за сите дела, некои за дел од делата.
Признавањето вина доаѓа откако денешното рочиште за случајот „Титаник“ почна од почеток бидејќи имаше промена на поротник во судечкиот совет.
Јанкулоска признала вина за сите делата за кои се гони, а Протуѓер и Јанакиески не признаа само за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.
Дел од нив рекоа дека ќе преземаат одговорност како морален чин, како и дека сметаат оти овој судски процес не ни требало да почне со оглед на помилувањата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Обвинителката Лиле Стефанова побара условни казни.