„360 степени“ веќе побара став од обвинителството за тоа дали фактот што три месеци биле чувани во фиока неправилности откриени во станица за технички преглед, со што се доведува во прашање безбедноста во сообраќајот, е доволна причина да се отвори предмет, но до овој момент нема одговор
Министерството за внатрешни работи веќе трет ден молчи за случајот
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) го повикува јавното обвинителство да ја прошири предистрагата за случајот со „Беса транс“, чиј автобус на 23 ноември изгоре на автопатот во Бугарија, откако „360 степени“ објави дека за станицата за технички преглед, во која поминал автобусот, имало предлог за забрана за работа уште во август годинава, но министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го потпишал три дена по несреќата.
„Со оглед дека во ОЈО Скопје веќе има предмет за случајот со ‘Беса транс’ и се вршат предистражни дејствија, сметаме дека најрационално е да се продлабочи предистрагата во овој правец“,
вели претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
За случајот денеска расправал колегиумот на ДКСК. Овој став, вели Ивановска, не значи дека Комисијата не би се вклучила во предметот ако има потреба за такво нешто.
„360 степени“ веќе побара став од обвинителството за тоа дали фактот што три месеци биле чувани во фиока неправилности откриени во станица за технички преглед, со што се доведува во прашање безбедноста во сообраќајот, е доволна причина да се отвори предмет, но до овој момент нема одговор. Засега, во ОЈО се води предистражна постапка, чија цел се пропусти во работењето на „Беса транс“, но и други инволвирани приватни и државни субјекти.
И додека надлежните институции веќе трет ден молчат за тајмингот и околностите во кои била изречена забраната за работа на станицата за технички преглед на „Виа Комерц Џемаљ“, во која бил регистриран и автобусот на „Беса транс“, „360 степени“ го стави на увид на јавноста решението за забрана за работа потпишано од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на 26 ноември 2021 г. (три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија).
Од документот може да се види дека при надзорот на работата на станицата што надлежни служби од МВР го извршиле на 12 август, било утврдено дека станицата не ги води потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, но и дека во контролата учествуваат нестручни лица, со што се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата.
„Констатирано е дека во постапката на технички преглед … врши проверка … и лицето Е.Д. …, кој е ученик во АСУЦ ’Боро Петрушевски’ …, кој во станицата е дојден со договор за феријална практика. Исто така, возилата при вршење на технички преглед се управуваат од управителот на правното лице Ј.Н., кој не е контролор во станицата за технички преглед и не ги исполнува условите за контролор…“,
пишува во решението на МВР, кое се повикува на наодите од 12 август.
Неправилностите во работата на станицата за технички преглед во село Глумово, Општина Сарај, биле откриени уште на 12 август 2021 г., но од засега необјаснети причини, министерот Спасовски не потпишал решение за привремена забрана за работа – до отстранување на пропустите, иако таков предлог бил изготвен од стручните служби во Бирото за јавна безбедност.
Во меѓувреме, на 5 октомври 2021 г., автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија и со собе однесе 45 животи, поминал на технички преглед токму во оваа станица, во која биле детектирани серија пропусти во работењето.
Веднаш по несреќата, на 26 ноември, Спасовски става потпис на решение за забрана за работа на станицата, давајќи и рок од 30 дена за отстранување на пропустите. Па, логичното прашање на кое „360 степени“ бара одговор е – зошто три и пол месеци предметот стоел во фиока и зошто е реактивиран веднаш по несреќата во која загинаа 45 лица?
МВР продолжува да молчи.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.