Во интервју за „360 степени“, јавниот обвинител РСМ, Љумобир Јовески, изјави дека е можно отворање на постапка за евентуално сторени кривични дела и во земјава, во врска со сообраќајната несреќа во Бугарија на автобусот на „Беса транс“ во која загинаа 45 лица
На распит ќе бидат повикани и лица од домашните институции, но во интерес на постапката Јовески не сподели имиња
Како автобусот на „Беса транс“ ја минувал државната граница без лиценца, како бил регистиран, како била оранизирана самата компанијата – ова се само дел од работите кои во моментов ги истражува Јавното обвинителство на РСМ, вели јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, во интервју за „360 степени“. Дел од овие постапки се вршат во контекст на предистражната постапка која ја води бугарското јавно обвинителство, но тоа не значи дека нема да биде отворена постапка и во земјава.

„Ние овие податоци веднаш после незгодата почнавме да ги собираме и првенствено овие податоци ќе им ги дадеме на надлежните органи на Република Бугарија затоа што е првенствено задача да се расветлат околностите во делот на настанување на оваа сообраќајна трагедија. Но, истовремено, обвинителството ги анализира овие податоци и испитува на кој начин возилото односно автобусот ја преминал државната граница, со колку патници, на кој граничен излез излегол, со какви документи е регистрирано неговото преминување. Точен е податокот дека ова возило повеќе пати ја напуштила територијата на земјата и се враќало. Ќе го испитаме и делот на регистрацијата на возилото и постапката за регистрација. Потоа, делот на компанијата којашто го врши превозот, за начинот на организација и други докази. Но, веднаш да потенцирам тука, доколку обвинителството дојде до сознанија или докази дека е извршено кривично дело соодветно ќе постапи, односно ќе постапи соодветно законот и ќе поведе постапка против определени лица за кои постојат сомненија за извршени кривични дела“…
Следното, логично прашање, до Јовески ни беше – дали обвинителството дошло до докази или сознанија за кривична одговорност на домашни институции, органи или лица. Јовески вели дека има такви почетни сознанија, но не сакаше да сподели повеќе детали во интерес на постапката.

„Ние имаме почетни сознанија. Но, за да не се наштети на натамошниот тек на постапката, јавно во овој момент нема да ги соопштуваме сите тие докази што ги имаме обезбедено пред да ги анализираме тие податоци, да се вкрстат, да се приберат целосни податоци од надлежните институции и дури потоа да се изгради оценка дали има сомненија и за кое евентуално кривично дело станува збор.“
Шефот на македонското обвинителство потврди и дека веќе се испитани одреден број на лица, но и дека допрва ќе се повикуваат и други.
„Ние сослушуваме одредени лица и за нашите потреби и за потребите на Јавното обвинителство на Република Бугарија можеби ќе треба да сослушаме 20-тина лица. Но бидејќи оваа постапка е доверлива, предистражна, не би се задржувал кои лица ние ќе ги сослушуваме и кои лица ќе бидат предмет на наш интерес и на интерес на јавното обвинителство на Република Бугарија.“
А меѓу тие лица, има и такви чиј актуелен ангажман е во домашните институции. Сепак, Јовески потенцира, за обвинителството ќе бидат важни пропустите кои можат да се класифицираат само како кривично дело.
„Да ќе повикуваме лица за кои ние веруваме дека имаат определено сознание за конкретните настани што ќе ги истражуваме ние. Се разбира овде не прејудицирам, дел од работите се од управната постапка но ние ќе се задржиме само на кривично-правните елементи кои се од интерес на обвинителството, односно за гонење на кривични дела доколку утврдиме дека со одредено дејствие одредено лице извршило кривично дело.“
Целото на интервју на јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, можете да го погледнете во видеото погоре.