Ќе се претвора ли ѓубрето во енергија или Неготино ќе добие загадувач со фабриката за отпад е дилемата која се наметна откако власта на голема врата ја најави инвестицијата што ќе стави крај на дивите депонии и ќе донесе „Фабрика за производство на зелена енергија“ во Неготино. Зад овој проект, кој за Владата е стратешки, стои новорегистрирана фирма што создава сомнеж кај дел од еко-активистите за тоа дали има капацитет да го оствари најавеното, а притоа да не биде загадувачки капацитет. Од Илинденска бр.2 објаснуваат дека фирмата е формирана специјално за овој проект а за неговата реализација ќе има и банкарска гаранција тешка 10 милиони евра
„Грин Инвестмент“ БИ С. А од Луксембург е името на странскиот партнер на фирмата „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино, чиј проект на седница на Владата во понеделникот (19 јули) доби статус на „стратешки инвестициски проект“.
Овој проект, како што го претстави лично премиерот Зоран Заев, предвидува да се стави крај на дивите депонии во пет плански регионот односно во 48 општини и да понуди трајно решение за третирање на отпадот за дури 74 проценти од територијата на државата. Отпадот би се преработувал во фабрика која ќе никне во регионот на Неготино, а од која како краен продукт ќе се произведува електрична енергија. Вредноста на оваа инвестиција, велат од Владата, надминува 336 милиони евра.
Иако стратешкиот инвестициски капацитет беше претставен како „Фабрика за производство на зелена енергија“, дел од еко-активистите се скептични и се противат на реализацијата на овој проект.
Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) бара да се соопштат информации какво ќе биде влијанието на оваа фабрика врз животната средина во однос на испуштањето гасови, течен исцедок и пепел, дали се планира увоз на отпад или само преработка на домашниот, дали ќе се преработува само комунален или и медицински отпад итн.
Оттаму побараа транспарентност и увид во податоците.
Има ли гаранција дека проектот ќе се реализира
Имиња на четири лица (управител, проект менаџер, маркетинг-менаџер и правен консултант) се претставени на официјалната веб-страница на „Зока енерџи солушн“ како тим кој стои зад македонската фирма.
Една од основните дилеми која ја акцентираат од еколошките здруженија е како може Владата да има толку голема доверба во релативно нова компанија која нема никакво портфолио а сега ќе спроведува проект тежок над 330 милиони евра.
„Фирмата која ќе го реализира проектот е формирана минатата година, не ми е јасно како може владата да прифати толку голема инвестиција од 330 милиони евра да ја предаде на фирма која нема реализирано ниту еден проект“,
вели Сашко Тодоров од здружението „Ековита“ кој додава дека дополнителни сомнежи раѓа неофицијалната информација дека еден од експертите од Словенија кој бил дел од дебатата за проектот во Општина Неготино, членувал во управните тела на слична фирма во неговата земја за која се води истрага.
Тодоров потенцира и дека во анкета која наскоро ќе биде претставена, дури 89 отсто од граѓаните на Неготино се против изградба на гасна централа. Тој вели дека нема да дозволат да има загадувачки капацитети во тој регион и најавува дека ќе ги искористат сите демократски средства за да го спречат тоа.
Загриженост дека станува збор за нова компанија, пак, нема кај Роберто Паризов од здружението „Еко живот“ од Кавадарци. Тој не се сомнева бидејќи домашни и меѓународни институциите процениле дека инвеститорот има капацитет и има гаранции дека ќе го реализира проектот.
Во Владата не се загрижени околу ова прашање. Оттаму објаснуваат дека „Зока енерџи солушн“ е формирана токму за оваа намена – да биде партнер на луксембуршката „Грин Инвестмент“. Велат дека проектот ќе биде изградена по принципот „клуч на рака“ од еден од најголемите изведувачи во Европа кои имаат искуство за ваков тип на објекти, фирми кои се познати и како ЕПЦ контрактори. Оттаму споменуваат и банкарска гаранција.
„Стратешкиот инвеститор ќе достави банкарска гаранција до Владата во висина од 10 милиони евра, која може да се изврши на прво барање и е гарант дека инвеститорот ќе има сериозни причини да го заврши проектот. Од друга страна проектот ќе биде финансиран од ’Рајфајзен Банк Интернационал‘ и ’Голдман Сакс‘ кои се наоѓаат во рангот на најголемите 5 банки во светот и ќе биде граден од реномиран ЕПЦ контрактор што претставува дополнителна гаранција“,
велат од Владата.
И од „Зока енерџи солушн“ нагласуваат дека како фирма се отворени специјално за да се реализира овој проект на странскиот партнер од Луксембург и не се поврзани со фирмата „Зока трејд“, која претходно се поврзуваше со согорување режани гуми за фабричко гориво.
(Не)загадувачки капацитет
„Фабрика за производство на зелена енергија“ сè уште е во фаза на идеен проект и засега нема точен елаборат како ќе влијае врз животната средина. За да се изработи, потребно да биде барем на ниво на основен проект. Во речиси идентичните одговори кои ги добивме и од Владата и од проектниот менаџер во „Зока енерџи солушн“, Лазе Филипов, се нагласува дека во оваа фаза се доволни само експертските мислења во однос на технологијата која ќе се користи и позитивните искуствата од други слични постојки како што е „Топларна“ – Цеље од Словенија каде се користи истата технологија.
„Спротивно на сите погрешни разбирања, толкувања и дезинформации, целта на оваа инвестиција е заштита на животната средина, намалување на загадувањето и подобрување на добросостојбата и условите на живеењето преку преземање на собраниот отпад од надлежните комунални претпријатија, третирање на отпадот и производство на електрична енергија од обновливи извори со примена на иновативна технологија. Исто така, многу важна придобивка од оваа инвестиција е што благодарение на овој начин на организирано прибирање на комуналниот отпад ќе се затворат сите диви депонии, кои, всушност, ги прават најголемите штети за животната средина“,
велат и од Владата и од „Зока енерџи солушн“.
Премиерот Зоран Заев на неодамнешната дебата во Неготино исто така, тврдеше дека нема да има загадување затоа што станува збор за затворен систем односно нема оџак.
„Целосно затворен систем којшто по дејство на топлина го разложува органскиот отпад и го преработува во три гасни супстанции кој понатаму ја создадат топлинската енергија која како топла вода ја врти турбината и од неа произведува електрична енергија. Тоа е целиот систем, нема излез. Најмалку седум посто останува пепел којшто се употребува во градежништвото, почнувајќи од бекатон плочки, цементирани подлоги, асфалтирање, тампонирање“,
рече Заев.
Паризов од кавадаречки „Еко живот“, вели дека ако се реализира така како што е најавено, тогаш оваа фабрика нема да биде проблем за животната средината, туку напротив, ќе биде од полза.
„Ако инвеститорот го запази сето предвидено и институциите се погрижат да биде така, ние сме на став дека таа инсталација нема да биде од загадувачки карактер. Ние имавме консултација во склоп на Движењето на екологисти на Македонија и не наидовме на спорни моменти околу третманот на отпадот. Во Кавадарци, на пример, двапати годишно се пали депонијата, во Неготино, не два пати туку десет пати, а со оглед дека е најавено оти ова ќе го третира отпадот од 48 општини би треба да се чувствуваме олеснето од тој аспект“,
вели Паризов кој е и потпретседател на Движењето на екологисти.
Сашко Тодоров од „Ековита“, пак, тврди дека според она што е најавено досега, проектот се коси со европските напори за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
„Инсенераторот ќе испушта големи количини на јаглерод диоксид, односно 504 грама на секој киловат час произведена енергија, а најавената инвестиција е со капацитет од 34 мегавати. Незамисливо е да се гради гасна централа која ќе согорува комунален отпад во срцето на Тиквешијата. Значи сепак ќе се гори пластика, текстил и друг комунален отпад“,
вели Тодоров.
Тој вели дека има разлика и со фабриката во Цеље, која ја споменуваат од Владата и од онаа на „Зока енерџи солушн“, а таа им била посочена како позитивен пример и на споменатата дебата во Неготино.
„Станува збор за согорување на лесни фракции на термичко обработлив отпад – хартија, дрво, текстил, картон, фолии и до некаде пластика со капацитет од 3,75-5 тона на 1 час до максимално 40 000 тона, а во Македонија се планира со фантастични 700 000 – 1 милион тони годишно!? Значи кај нас за една година ќе се согорува количина која е еквивалентна на 20 годишно работење фабриката во Цеље“,
вели Тодоров.
Имаме ли доволно отпад за да не увезуваме
Тодоров потенцира дека проблематично е и што од најавените 5 плански региони нема да се собере доволно отпад и затоа постои оправдан страв дека во иднина би дошло и до увоз на отпад.
„Не сме имале ниту ќе имаме каков било план за увоз на отпад“, пак, дециден е проект менаџерот од „Зока енерџи солушн“, Лазе Филипов. Во нашата земја, додава тој, го имаме толку многу натрупано на депониите што се потребни децении да го процесираме за целосно да се ревитализираат депониите. Тој излегува и со поинакви проекции за тоа колку отпад ќе се согорува годишно.
„Капацитетот на фабриката е дизајниран на дневно создадените количини на отпад којшто треба да се собере од населението и истото да се преработи односно на годишно ниво проектираниот капацитет на фабриката е 600 000 тони отпад. Годишно граѓаните во опфатените региони создаваат 550 000 тони отпад, но само 330 000 се собираат. Значи дури 40% од отпадот завршува по диви депонии или се спалува по дворовите. За надминување на оваа состојба и изедначување на создадените и собраните количини на отпад имаме предвидено вложување во неповратни инвестиции и логистичка инфраструктура во предвидените региони која надминува 24 милиони евра и истата има за цел да го зголеми процентот на комунално сервисирано население на максимално ниво“,
вели Филипов.
Што се ќе опфатат инвестициите, претходно напомена и премиерот Зоран Заев. Ќе има и нови 100 комунални возила, 6 000 метални и пластични комунални контејнери, ќе се изградат 11 збирни и претоварни станици и дополнители 11 збирни потстаници.
Истите планови се наведени и во промотивното видео кое на својата веб-страницата го има објавено и „Зока енерџи солушн“.
Зошто ова е стратешки проект
Првото конкретно претставување на проектот за преработка на отпад, Владата го направи крајот на мај годинава кога го презентираше Интервентниот инвестициски план за периодот од 2021-2027.
На 19 јули, пак, на владина седница падна одлука „Фабриката за производство на зелена енергија“ да стане стратешки проект. Предлогот го дала Комисијата за стратешки инвестициски проекти и утврдила дека ги исполнува законските услови.
Во објаснувањето кое го добивме од Владата велат дека за еден проект да добие статус на „стратешки“ треба да исполнува еден или повеќе од критериумите како што се: зголемување на економскиот раст; вработување и примена нови технологии; зголемување на конкурентноста и на извозот; намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните.
„Стратешки инвестициски проект е проект кој исполнува една или повеќе цели од претходно наведеното, а со кој се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село“,
велат од Владата.
Оттаму додаваат дека за стратешки се сметаат и проектите реализирани во рамките на договори меѓу држави, проекти кои се спроведени и финансирани во соработка со ЕУ, Министерскиот Совет на енергетска заедница, како и оние со меѓународни финансиски институции, каде носител на инвестицијата е институција во сопственост на државата или општините.