Во соопштението украинските антикорупциски агенции изјавија дека поранешниот шеф на кабинетот на претседателот на Украина е меѓу осомничените за учество во криминална група што испрала околу 10,5 милиони долари преку елитен станбен комплекс надвор од главниот град Киев

Поранешниот началник на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски е осомничен од украинските власти во голема истрага за корупција, пишува „Гардијан“.
Минатата година имаше широка истрага меѓу политичарите што го натера поранешниот врвен советник и десна рака на Зеленски, Андриј Јермак, да поднесе оставка.
Во соопштението од вчера, украинските антикорупциски агенции изјавија дека поранешниот шеф на кабинетот на претседателот на Украина е меѓу осомничените за учество во криминална група што испрала околу 10,5 милиони долари преку елитен станбен комплекс надвор од главниот град Киев.
Агенциите не го именуваа осомничениот, во согласност со украинскиот закон, но полициски извор запознаен со случајот потврди за „Киев индепендент“ дека станува збор за Андриј Јермак.
Во разговор за украинскиот медиум Радио Либерти, тој негира дека поседува недвижен имот во комплексот, но не дава понатамошни коментари.
Случајот е дел од поширока истрага за корупција на високо ниво, првпат откриена минатиот ноември, кога поранешен деловен партнер на Зеленски беше обвинет за водење шема за мито од 100 милиони долари во државната атомска агенција.
Поранешен вицепремиер и близок соработник на Зеленски, исто така, беше обвинет како дел од истрагата.
Советникот за комуникации на Зеленски, Дмитро Литвин, во изјава за новинарите вели дека е прерано да се коментира за сомневањето против Јермак, бидејќи процедуралните дејствија сè уште се во тек.
Неговата оставка минатата година дојде во услови на поширока владина реконструкција насочена кон враќање на довербата во канцеларијата на претседателот, која беше засенета од обвинувања за централизирана власт.
