Белата куќа потврди дека администрацијата на Доналд Трамп води разговори на високо ниво со Данска и Гренланд за проширување на американското воено присуство на островот, но без да открие детали од преговорите. И данското Министерство за надворешни работи потврди дека постои активен дипломатски канал со Вашингтон, но не соопшти дополнителни информации
САД предложиле отворање три нови воени бази на југот на Гренланд, кои формално би биле прогласени за суверена американска територија. Базите би имале стратешка улога во следење на руските и кинеските поморски активности. Една од потенцијалните локации за нова база е Нарсарсуак, каде претходно постоела американска воена база и веќе има аеродромска инфраструктура
Соединетите Американски Држави (САД) и Данска водат редовни разговори за проширување на американското воено присуство на Гренланд, пренесува Би-би-си, додавајќи дека преговорите значително напреднале во последните неколку месеци.

Американските власти разгледуваат можност за отворање три нови воени бази на југот на Гренланд, додека паралелно се обидуваат да ја намалат дипломатската тензија што настана по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста САД да го преземат островот.
Трамп во јануари изјави дека Вашингтон треба да го поседува Гренланд за да спречи Русија или Кина да воспостават влијание врз островот, додавајќи дека тоа може да се реализира на лесен или на тежок начин.
Гренланд, кој има стратешко значење поради својата географска положба и природни ресурси, е полуавтономна територија во рамки на Данска, но безбедносната политика е под надлежност на Копенхаген.
Според Би-би-си, разговорите меѓу Вашингтон и Копенхаген значително напредувале во последните месеци, иако засега нема официјална потврда за конкретен договор околу новите бази.
Белата куќа потврди дека администрацијата на Доналд Трамп води разговори на високо ниво со Данска и Гренланд за проширување на американското воено присуство на островот, но без да открие детали од преговорите.
Според информации на Би-би-си, американските власти се оптимисти дека разговорите се движат во позитивна насока. И данското Министерство за надворешни работи потврди дека постои активен дипломатски канал со Вашингтон, но не соопшти дополнителни информации.
Извори запознаени со разговорите тврдат дека САД предложиле отворање три нови воени бази на југот на Гренланд, кои формално би биле прогласени за суверена американска територија. Базите би имале стратешка улога во следење на руските и кинеските поморски активности во таканаречената „дупка ГИУК“ — важен морски коридор во Северниот Атлантик меѓу Гренланд, Исланд и Обединето Кралство. Една од потенцијалните локации за нова база е Нарсарсуак, каде претходно постоела американска воена база и веќе има аеродромска инфраструктура.
Според аналитичарите, Вашингтон најверојатно ќе се фокусира на локации со постоечки пристаништа и аеродроми, со цел значително да се намалат трошоците за изградба.
Во извештајот се наведува и дека американските претставници во текот на разговорите не ја споменале можноста за преземање на Гренланд со сила, опција што претходно беше отфрлена од Данска и НАТО како неприфатлива.
Преговарачките тимови од средината на јануари досега се сретнале најмалку пет пати. Американската делегација, ја предводи Мајкл Нидам, висок функционер на Стејт департментот, а во неа учествуваат претставници на Стејт департментот и Советот за национална безбедност, додека данската страна ја претставуваат амбасадорот Јеспер Молер Серенсен и дипломатот на Гренланд во Вашингтон, Џејкоб Исбосетсен.
Специјалниот пратеник на Трамп за Гренланд, Џеф Ландри, не учествувал директно во разговорите.
Преговорите се водат во рамки на безбедносниот договор од 1951 година, кој им овозможува на САД да ги прошируваат воените активности на островот со согласност од Данска.
Иако Копенхаген традиционално ги поддржувал американските воени активности на Гренланд, заканите на Трамп оваа година дополнително ги зголемија тензиите во рамки на НАТО.
