НУК очекува да се дозволи организирање музички настани во отворен и затворен дел во сите угостителски објекти и укинување на ограничувањето за бучава во угостителските објекти. Се бара да се дозволи и на иста маса да седат повеќе од шест лица, ако се од иста фамилија
Новите протоколи од Комисијата за заразни болести, поврзани со организирање прослави, веселби и свадби, наместо позитивно да влијаат, ќе предизвикаат хаос во работењето на угостителските објекти, смета Независната угостителска комора (НУК).
Оттаму реагираат затоа што не се консултирани претставници од оваа фела при носењето на овие протоколи.
„Доколку се точни медиумските најави за нови препораки, ѝ се восхитуваме на умешноста на Комисијата за заразни болести, која од една страна со предлог-мерките дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор, додека од друга страна постави нови правила и ограничувања за музичарите чие присуство со истата мерка е ограничено само при организирање на свадби“,
се вели во денешното соопштение.
Бараат од Владата при усвојување на протоколите да го врати членот 13 со кој ќе со дозволи организирање музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот во сите угостителски објекти, согласно протоколите за работа, а постојната препорака за јачина на музиката, со која се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти за исхрана на 55 децибели, да ја укине во целост. Се бара да се дозволи и на иста маса да седат повеќе од шест лица доколку се од иста фамилија.
