Угостителите кои организираат свадби и други настани и свечености денеска излегоа на нов протест пред Владата и ја повикаа Комисијата за заразни болести да дозволи да работат според постојните протоколи. Угостителите бараат наместо класични свадби со жива музика, да можат да организираат само свечена вечера со постојните протоколи и работно време кои важат за сите угостителски објекти.
Се пожалија дека една година се дискриминирани и се доведени на раб на егзистенција.
„Бараме да ни дозволите да работиме според постоечките протоколи и да можеме да правиме свечен ручек. Ако не почнеме со работа ни се заканува целосен пад на нашата индустрија. Тоа ќе се одрази со губење на работни места, стечајни постапки, извршители, а ќе се одрази и врз нашите доверители“,
рече Перица Голомеиќ, во име на угостителите.
За забраните за работа реагираа и неколку здруженија на музичари, кои велат дека се револтирани од предлогот на угостителите да се организираат свечености без жива музика. Над 1 200 музичари и членови на шест сродни музички здруженија денеска упатија ултиматум до Владата до петок да им одговори на барањата за олеснителни протоколи за работа и обештетување со сума од 43 000 денари.
„Последниот предлог на угостителите до Комисијата за заразни болести, посебно точката каде што бараат настаните да се одвиваат без жива музика, за нас е крајно разочарувачки и во никој случај не се согласуваме со истиот. Затоа бараме таа точка од нивниот предлог-протокол да се избрише. Исто така, бараме да се избрише и забраната за музички настани на отворен и затворен дел во објектите и уредбата за гласноста на музиката. Бараме протоколи за работа на угостителските објекти кои нема да бидат дискриминирачки кон нас музичарите“,
порачаа на прес-конференција здруженијата на музичари.
И угостителите и музичарите најавија протести доколку Владата не им излезе во пресрет и не ги прифати нивните барања.