Обврската за носење заштитна маска и на отворен простор беше донесена во октомври минатата година, во екот на вториот бран на коронавирусот, кога беше донесена и забраната за групирање, која денеска, исто така, се очекува да биде укината
Граѓаните од денеска ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители…
Откако Главниот кризен штаб ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олеснување на рестрикциите за заштита од ковид-19, конечната одлука за тоа треба да биде донесена на денешната владина седница.
Министерот за здравство Венко Филипче порача дека, иако епидемијата спласнува, граѓаните треба да останат внимателни.
Обврската за носење заштитна маска и на отворено беше донесена во октомври минатата година, во екот на вториот бран на коронавирусот во земјава. Тогаш беше донесена и забраната за групирање на повеќе од четири лица, која се очекува денеска исто така да биде укината.
До 15 јуни останува во сила полицискиот час кој почнува од полноќ, а трае до 4 часот изутрина. Полицискиот час беше вратен како мерка во март годинава, кога почнаа повторно да се зголемуваат бројките на заразени со ковид-19. Забраната за движење прво траеше од 22 до 5 часот.
