Како позитивна порака, премиерот го издвои фактот што тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија се спласнати
Европа си ги чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор, секако доминантно заради Северна Македонија, која чека 16 години, која има преку дваесетина вета и навистина е на врвот со извршување на реформите, потврдено во сите извештаи и сме модел на европски начин на решавање на проблемите. изјави премиерот Зоран Заев за МИА по денешната средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Како позитивна порака, премиерот го издвои фактот што тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија се спласнати.
„Јас верувам дека бугарскиот народ, како и македонскиот, сака пријателство, сака позитивни исчекори и јас како еден од лидерите во Северна Македонија го чувствувам тоа. Верувам дека и лидерите во Бугарија го чувствуваат тоа затоа што е наша обврска да ја отвориме иднината“,
рече Заев за МИА.
На прашањето дали постои повторно некаков ризик од расцепкување на процесот на започнување на преговорите со ЕУ, како што и во минатото ЕУ тоа го правела со Северна Македонија давајќи „датуми за датуми“, но без ефективно и формално започнување на долгоочекуваните преговори за членство, Зоран Заев е одлучен дека ова ниту е можно ниту е прифатливо за македонската страна.
„Првата меѓувладина конференција е симболика, после доаѓа скрининг, па првите поглавја, значи од три до девет месеци некаде, нема овде што да се цепка, ниту да има датум за датум, па одлука за одлука, не верувам и не треба. И ако се размислува, секако не е прифатливо за нас тоа. Треба да имаме чиста одлука затоа што зборуваме за прва меѓувладина конференција. Секој пат можеме да реферираме за исполнување на договорот со Бугарија, за Преспа, за исполнување на нашите реформи, но верувам дека ќе имаме сериозен фокус од сите. Секако, постои една резерва, тоа треба да го знаат нашите граѓани, секогаш сум го споделувал. Техничка влада е во Бугарија, да не ги дигнеме очекувањата, па да бидеме сите разочарани. Јас се спремам да направам сѐ, претседателот Пендаровски исто така, министерот за надворешни работи исто така, ќе направиме сѐ, но очекувањата не смееме да ги дигнеме високо за да не се разочараме. Затоа овој прозорец на можност што треба да се искористи благодарение на фокусот на претседателството на Португалија, на земјите членки, на европските институции и верувам дека час поскоро ќе имаме решени проблеми за да зборуваме за поглавјата 23 и 24“,
вели Заев.