Поранешниот директор на УБК нема да може да излезе од притворот во Шутка кон крајот на овој месец, како што овозможуваше решението од 26 февруари за предметот „Таргет-Тврдина“
Судот му одреди нова мерка притвор на Сашо Мијалков, овој пат до правосилност на пресудата за предметот „Трезор“.
Нова мерка притвор побара денеска обвинителот Трајче Пеливанов, по пресудата на Кривичниот суд-Скопје, кој му пресуди 8 години затвор на поранешниот директор на УБК. Паралелно, обвинителот предложи укинување на притворот во „Таргет-Тврдина“.
Адвокатот на Мијалков, Петар Василев, пак, смета дека притворот е незаконски определен, односно не може да се бара нова мерка кога една веќе е правосилна.
„Јавниот обвинител мораше да побара да се укине притворот во другиот предмет за да може да поднесе предлог во овој. Со ваквото решение, судот ја прејудицираше одлуката на кривичниот совет, односно дека ќе го укине притворот во Таргет-Тврдина“,
рече Василев.
Одбраната најави жалби за притворот пред Апелација.
„Мијалков е моќен, може да избега“
Обвинителот Пеливанов кога побара притвор рече дека Мијалков е моќен човек, може да избега и да живее комотно во бегство.
„Причините за ваквиот предлог се делумно исти како и во ‘Таргет-Тврдина’, а тоа е дека преку Европол се потврдени податоците дека Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса на живеење во Прага, Чешка, и таму поседува две возила регистрирани на негово име. Да дополнам и дека судот треба да го цени фактот дека обвинетиот е лице кое е добро ситуирано и дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство“,
рече Пеливанов.
Зошто Пеливанов побара притвор во „Трезор“, а укинување на притворот во „Таргет-Тврдина“?
Со изрекување на пресудата за „Таргет-Тврдина“, на 26 февруари годинава, на Мијалков му беше одреден притвор до правосилност на пресудата, но со оглед дека во тој предмет против него имаше обвинителен предлог, а не обвинителен акт, ваквата мерка може да трае максимум 60 дена. Имајќи предвид дека малку е изводливо Апелација да се произнесе во рок од 60 дена за овој предмет, тоа би значело дека Мијалков ќе излезе од притвор околу 26 април. Но, со одлуката на судот да му определи притвор во „Трезор“, Мијалков тешко дека ќе излезе од затворот во Шутка кон крајот на април.
„Токму поради бизнисите Мијалков нема да бега туку ќе остане во земјава“
Пред судот да го донесе решението за притвор, адвокатите на Мијалков, Љупчо Шврговски и Петар Василев, бараа да се отфрли предлогот за притвор.
„Јавниот обвинител кажа една реченица во контекст на тврдењето дека Мијалков како моќен човек и сопственик на поголем дел бизниси има ексклузивитет и комоција дека би можел да се даде во бегство. Одбраната смета и тврди дека ваквата теза е погрешна. Тоа е причина да остане во државата“,
рече Шврговски и нагласи дека е убеден дека пред Апелацискиот суд ќе падне пресудата за „Трезор“, затоа што, како што вели, нема докази.
Покрај за Мијалков, обвинителството бараше притвор и за поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, исто така, поради опасност од бегство. Меѓутоа, судот за него одреди куќен притвор. За Горан Грујевски и за Тони Јакимовски обвинителството не бараше нови мерки со оглед дека веќе имаат. Јакимовски е во куќен притвор, а Грујевски има мерка притвор која ќе стапи во сила ако некогаш биде достапен за органите на прогонот.