Околу десетина европски земји ја прекинаа употребата на вакцината на „Астра Зенека“ на почетокот на оваа недела по извештаите за ретки нарушувања во крвта кај неколкумина што неодамна ја примиле вакцината
Германија, Франција, Италија и Шпанија се меѓу земјите што објавија дека ќе продолжат со вакцинирање со „Астра Зенека“ откако европското регулаторно тело за лекови објави дека таа е безбедна и ефикасна, по пријавата дека по примањето на оваа вакцина имало случаи на појава на тромб.
Други држави што најавија дека по одлуката на ЕМА ќе го продолжат вакцинирањето со оксфордската вакцина се Португалија, Холандија, Летонија, Литванија, Кипар и Бугарија.

Шведска соопшти дека следната недела ќе донесе одлука за привремениот прекин, а Ирска денеска ќе ја соопшти одлуката.
Околу десетина европски земји ја прекинаа употребата на вакцината на „Астра Зенека“ на почетокот на оваа недела по извештаите за ретки нарушувања во крвта кај неколкумина што неодамна ја примиле вакцината.
Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера соопшти дека придобивките од вакцината во заштитата од смртност или хоспитализација како последица на коронавирусот ги надминуваат можните ризици – и вакцината не е поврзана со „целокупниот ризик“ од згрутчување на крвта.
Сепак, безбедносниот комитет на агенцијата, исто така, соопшти дека не може да ја исклучи потенцијалната врска со „мал број случаи“ на ретко нарушување на коагулацијата што се случило по вакцинацијата.
Затоа им препорача на владите „да ја подигнат свеста“ за можните ефекти, со тоа што ќе ги вклучат во информациите за производите.
Вчера регулаторот за лекови во Велика Британија соопшти дека секој што ќе има постојана главоболка повеќе од четири дена по примањето на вакцината треба да побара лекарска помош, како и доколку неколку дена потоа забележат модринки на други места освен на местото на инјектирање.
Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи (МХРА) соопшти дека овој нов совет е мерка на претпазливост по многу мал број извештаи за тромбоза на синусната вена (ЦВСТ) кои се јавуваат со тромбоцитопенија по вакцината.
ЦВСТ е исклучително редок облик на тромб, додека тромбоцитопенијата опишува низок број на тромбоцити – клетки кои помагаат во згрутчување на крвта.
Во Велика Британија имало пет случаи на вакви состојби пријавени во МХРА по вакцинацијата.
Тоа е стапка од еден на еден милион вакцинирани лица, поради што Агенцијата заклучува дека ова исто така е можно без разлика дали некој примил вакцина или не, или ако има ковид.
Загриженоста за вакцината првично ја поттикна извештајот на Норвешката агенција за лекови која регистрира случи на згрутчување на крвта кај четири возрасни лица кои примиле вакцина.
„Астра Зенека“, исто така, објави дека по темелно прегледување на податоците за имунизација против коронавирус не се најдени докази за зголемен ризик од згрутчување на крвта во која било возрасна група или пол во која било земја.
Светската здравствена организација (СЗО) се приклучи во дебатата со свој став, повикувајќи ги земјите да продолжат да ја користат вакцината.