Жителите со години испраќаат дописи до надлежните институции и масовно протестираат со барање да се укине концесијата, зашто стравуваат од поплави и загадување на подземните води
Минатата недела два дена го блокираа автопатот Миладиновци-Штип, со тврдење дека и покрај тековните проверки на Инспекторатот за животна средина, концесионерот неконтролирано изнесувал песок од локацијата
Владата на денешната седница одлучи привремено да ја стопира експлоатацијата на песок и чакал во скопско Средно Коњари. Тоа значи дека концесионерот не смее да изнесува минерални суровини од полето што го има под концесија сè додека Државниот инспекторат не се произнесе околу регуларноста на концесијата.
„Владата донесе одлука за привремено запирање на експлоатацијата на чакал од реката Пчиња во атарот на село Средно Коњари додека трае увидот на Државниот инспекторат за животна средина поради укажувањата на населението дека ископот на чакал се врши надвор од пропишаното со концесијата и додека не биде донесена нова одлука согласно наодите на надлежниот инспекторат“,
соопштија од Владата.

По првичните наоди од Управата за хидрометеоролошки работи, дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) најави дека ќе се прави нов елаборат.
ДИЖС ангажирале овластена геодетска фирма и, по неколку неуспешни обиди изминатиот месец, конечно направиле теренски мерења на локацијата во Средно Коњари, каде што со години се врши ископ на песок и чакал.
Но, и покрај тековните проверки на Инспекторатот, локалното население алармира дека концесионерот неконтролирано изнесува песок и чакал. Тие во два наврата минатата недела го блокираа автопатот Миладиновци-Штип и бараа да запре ископот додека не се произнесе Инспекторатот.
Случајот на површински ископ на песок и чакал во Средно Коњари, Општина Петровец, е во фокусот на медиумите, особено поради сплотеноста и жестоките реакции на локалното население кое се противи на тоа. Жителите со години испраќаат дописи до надлежните институции и масовно протестираат со барање да се укине концесијата. Протестите не ги стивнаа ниту во време на пандемија.