Во рок од осум дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа, комисијата треба да достави извештај до Министерството за здравство во врска со случајот со пациентката Ј.В.
Болницата во Струга ќе биде под надзор на комисија за чие формирање денеска донел решение министерот за здравство Венко Филипче, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката Ј.В.
Комисијата, која е составена од пет члена, како што соопшти Министерството за здравство, има задача да изврши надзор над стручната работа на Општата болница во Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката.
Во рок од осум дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа, комисијата треба да достави извештај до Министерството за здравство.
Како што велат од МЗ, Филипче бара од комисијата извештајот задолжително да содржи констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита.
„Членовите на комисијата формирана од Филипче треба да дадат стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пациентот и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или пропусти и рокови за нивно отстранување“,
се наведува во соопштението од МЗ.
Во врска со стручниот надзор кој претходно беше спроведен од Лекарската комора, а која констатираше дека нема лекарски грешки во случајот со родилката на која ѝ беа извадени јајник, матка и бубрег, денеска „Слободен печат“ објави дека во изјавата што директорот и гинеколог во струшката болница, доктор Мухамед Асани, ја дал пред членовите на Лекарската комора, навел дека родилката ја породил со машко бебе, иако, всушност, бебето е женско.
Се огласиле и од Лекарската комора објаснувајќи дека во составувањето на извештајот од стручниот надзор е направен технички пропуст при наведувањето на полот на детето.
Денеска за случајот со родилката се огласи и Платформата за родова еднаквост, во која членуваат 24 организации, барајќи темелна истрага како за ова така и за дивата ординација на истиот доктор откриена во неговиот дом.