Дел од децата хоспитализирани во болницата во Козле имаат потреба од кислородна поддршка поради намалената сатурација, информираше денеска директорот Бесник Зекири
Вкупно 64 ученици и 88 наставници кои следат настава со физичко присуство се позитивни на ковид заклучно со податоците до 15 март на Министерството за образование и наука
Ако Комисијата за заразни болести процени дека се потребни дополнителни мерки јавноста ќе биде навремено информирана, велат од Министерство за здравство
Во последните две недели коронавирусот брзо се шири и меѓу најмладата популација во земјава, односно кај децата до девет години. Ова го покажуваат и јавно достапните анализи од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој еднаш седмично ги споделува за состојбата со ковид-19 во земјава.
Во анализата на ИЈЗ за периодот од 1 до 7 март бројот на деца до девет години потврдени со ковид-19 се зголемил за дури 104, а за периодот од 8 до 15 март за истата возрасна група бројот се зголемил за 116, односно за половина месец вкупно се регистрирани нови 220 деца позитивни на вирусот.
Од почетокот на епидемијата во земјава во возрасната група до девет години се регистрирани вкупно 2 254 позитивни на ковид-19.
Засега, нема прецизен одговор од институциите која е причината за зголемените бројки кај најмладите и дали се размислува воведување на нови мерки или измени во работата на градинките и пониските одделенија во основните училишта кои наставата ја следат со физичко присуство. Според најавите, се очекува во текот на утрешниот ден Комисијата за заштита од заразни болести да одржи состанок, на кој се очекува да биде дискутирано и за мерки во оваа насока.
На прашањето упатено до Министерството за здравство дали можеби новата британска мутација е причината за полесното ширење на вирусот кај децата, ни одговорија дека мутацијата на вирусот и трансмисијата важи исто за сите возрасти. Оттаму велат дека и засега не се планираат промени на мерките во градинките и основните училишта.
„Во моментов нема промена на мерките. Доколку врз основа на проценка од страна на епидемиолозите и Комисијата за заразни болести се утврди потреба за нови, дополнителни мерки јавноста ќе биде навремено информирана“,
ни одговорија од Министерството.

Се зголемува и бројот на хоспитализирани
Зголемување има и во бројот на хоспитализации на Институтот за белодробни заболувања кај деца во Козле. Тоа се воочува и од дневните податоци кои Министерството за здравство ги споделува со јавноста. Кон крајот на месец февруари во овој ковид-центар биле хоспитализирани вкупно 12 лица суспектни и позитивни на ковид, а заклучно со денеска (16 март) бројката изнесува 35 ковид-пациенти.
Директорот на болницата, Бесник Зекири информира дека децата кои сега се хоспитализираат имаат проблеми со долно-респираторните патишта.
„Претходно децата имаа проблеми со горно-дишните патишта, а сега веќе имаме повеќе деца со долно-респираторните проблеми. Децата кои се овде хоспитализирани, ги лекуваме најмалку по пет до шест дена па до десет дена, но сме имале и деца кои сме ги лекувале и до две недели. Дел од децата имаат потреба од кислородна поддршка, иако со помала количина, но им е потребно поради намалената сатурација“,
вели Зекири.
Министерството за здравство денеска соопшти дека во сите ковид-центри на територијата во Скопје за 24 часа се хоспитализирани нови 67 пациенти, а во моментов во главниот град на болничко лекување поради компликации со ковид-19 се вкупно 463 лица. Односно, вкупно во сите ковид-центри во земјава се лекуваат вкупно 1 082 пацинети, а има околу 340 празни болнички кревети.
Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и нов ковид-центар на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за Трауматологија.

Засега нема најава за промени во наставата во основните училишта
Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека наставата во основните и средните училишта се одвива согласно Планот и протоколите за организирање на учебната година одобрени од страна на Комисијата за заштита на заразни болести и истите доследно се почитуваат и овој модел се продолжува да се користи и во второто полугодие.
Според податоците на МОН хибридниот модел на настава резултира со помалку од 1 отсто активни случаи на ковид-19 од наставниците и учениците кои се со физичко присуство.
„За споредба, на крајот на првото полугодие, согласно податоците пристигнати од училиштата, вкупниот број на активни случаеви кои следат настава со физичко присуство изнесуваше околу 50 ученици и 80 наставници, додека последните податоци на МОН со датум 15 март се 64 ученици и 88 наставници активни случаи кои следат настава со физичко присуство“,
ни одговорија од МОН.
По Неготино и Гевгелија, сега и Прилеп бара построги мерки и подолг полициски час
Пред десетина дена општинските Кризни штабови на Гевгелија и Неготино побараа построги мерки во нивните градови поради алармантната епидемиолошка ситуација со која се соочуваат. Денеска тоа го побара и општинскиот Кризен штаб на Прилеп.
Тие оценуваат дека во Прилеп сосотојбата е загрижувачка, а во Градската болница „Борка Талески“ најавено е отворање на петти ковид-оддел.
Според градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп цел месец е втор град со новозаразени, по Скопје. Граѓаните се неодговорни, се групираат, а голем број ги кријат контактите.

„Од тие причини, Општинскиот кризен штаб бара од Главниот кризен штаб, од Владата и Комисијата за заразни болести, заострување на мерките кои ќе се однесуваат на целата територија на општина Прилеп. Полицискиот час, кој сега започнува во 22 часот и трае до 5 часот изутрина, да започнува во 19 часот и да трае до 05:00 наутро. Ваквата мерка да трае наредните две до три недели, затоа што во тој период очекуваме овој таканаречен трет бран на пандемијата да го достигне својот пик“,
изјави Јовановски.
Дополнително, Општинскиот кризен штаб донесе заклучок со кој се редуцира јавниот превоз. Од утре, автобусите на јавниот превоз ќе собраќаат до 18 часот и во помал број. На влезовите на Градскиот пазар ќе бидат поставени ковид-штандови и на секој граѓанин кој влегува во пазарот ќе му бидат дезинфицирани рацете и доколку не носи заштита маска нема да му биде дозволен влезот. Со асистенција на волонтери и полицијата, ќе бидат засилени контролите за да се спречат групирања во пазарот, а полицијата и Пазарната инспекција ќе продолжат со засилени контроли во угостителските објекти.