Денешната вест од компанијата, чии вакцини се доставуваат преку Ковакс, доаѓа во критичен момент, кога извесен број земји ја прекинаа вакцинацијата поради случаи на згрутчување на крв по вакцинацијата, па дури и смртни случаи, а некои воопшто не ја ни одобрија
Англиско – шведскиот фармацевтски гигант „Астра Зенека“ денеска објави нов дефицит во планираните резерви на вакцини наменети за Европската унија, наведувајќи ги како причини проблемот со производството и ограничувањата на извозот.
„Со големо разочарување објавуваме недостаток на планираните испораки на вакцини против ковид-19 за Европската унија (ЕУ), иако работиме неуморно за да ги забрзаме испораките“,
се вели во соопштението од компанијата.
Претходно, компанијата предупреди дека се соочува со недостиг на дози во европскиот синџир на снабдување поради „помало производство од очекуваното“, иако до последен момент се надеваше дека ќе надомести дел од недостигот со вакцини од нејзината глобална мрежа, бидејќи половина од дозите за ЕУ во вториот квартал и 10 милиони дози во првиот квартал требаше да дојдат преку нејзиниот меѓународен ланец на снабдување.
Но, компанијата сега објави дека ограничувањата во извозот ќе ги намалат испораките во првиот квартал и веројатно ќе влијаат на испораките во вториот квартал.
„Астра Зенек“ започна да доставува вакцини во ЕУ во февруари, со голем задоцнување, пто предизвика тензии на релација со Брисел, кој се закани дека може да ги раскине сите договори со компанијата.
Но, спорот се надмина и остана нарачката од 100 милиони дози во првата половина на 2021 година, од кои 30 милиони треба да бидат доставени во првиот квартал. Сега компанијата соопшти дека „работи со ЕК и земјите-членки за решавање на предизвиците со снабдувањето.
„Ние остануваме уверени дека нашиот синџир на снабдување во ЕУ ќе продолжи да се подобрува за да помогне во заштита на милиони Европејци од вирусот“,
велат од компанијата.
Вакцините на „Астра Зенека“ се во најголем дел од контингентите што се испорачуваат во земјите преку Ковакс системот.
Денешната вест од компанијата доаѓа во критичен момент, кога извесен број земји ја прекинаа вакцинацијата поради случаи на згрутчување на крв по вакцинацијата, па дури и смртни случаи, а некои воопшто не ја ни одобрија.
Иако Европскјата агенција за лекови ЕМА се изјасни дека овие рреакции не може да се поврзат со вакцината на „Астра Зенека“ земјите бараат дополнителни испитувања.
Последната од неколкуте земји кои регистрираа вакви случаи е Хрватска.