ДЗС ги отфрла како лажни информациите во врска со апликацијата за самопопишување од странство, а почна и кампањата „Тука живеам, одлучувам, постојам“, која ја креира Агенцијата за остварување на правата на заедниците, со финансиска поддршка од ЕУ
Досега се попишани над 22 000 лица од дијаспората, соопшти денеска Државниот завод за статистика, оценувајќи дека динамиката на правата фаза од пописот досега тече успешно и отфрлајќи ги како лажни информациите во врска со апликацијата за самопопишување од странство.
„Овој период во јавноста се лиферуваа низа шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција. Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно, ниту видовме каков било доказ или принтскрин за вакво нешто. Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви приспособувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец кој пред Законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци“,
се наведува во известувањето од ДЗС.
Според Заводот, внесените податоци од друга ИП-адреса преку ВПН-врска на Апликацијата за самопопишување не претставува дополнителен ризик за апликацијата, туку е одговорност на лицето што се попишува.
„Ја потсетуваме јавноста дека ‘Скеил Фокус’ ДООЕЛ Скопје, компанијата што ја изработи апликацијата за самопопишување, согласно со Законот за попис, ја направи по светски стандарди и не може да биде одговорна за погрешно пополнети податоци од самопопишувањето. Ова, потенцираме уште еднаш, е одговорност на самите граѓани што ги внесуваат нивните податоци, а тоа и е утврдено со Законот“,
наведуваат од ДЗС.
Пред почетокот на теренското попишување во земјава, на 1 април, денеска националниот координатор за интеркултурализам Роберт Алаѓозовски и Јасмина Ѓоргиева, координаторка на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во ДЗС, оствариле средба со претставници на повеќе етнички заедници во Северна Македонија.
На средбата, на која присуствувале претставници на заедницата на Египќаните, Црногорците, Ерменците, Русите, Унгарците и Словенците во нашата земја, се отвориле повеќе прашања во врска со процесот на попишувањето, кој во прва фаза веќе започна за дипломатите и нивните семејства во конзуларните претставништва, за граѓаните од дијаспората и лицата коишто се во служба на Армијата во државата или странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и бездомните лица.
Присутните, како што соопштија од Владата, се согласиле дека е од исклучителна важност статистичката операцијата да биде успешно спроведена, притоа информирајќи се за одделни прашања поврзани конкретно со процедурата на попишувањето.
Алаѓозовски посочил дека спроведувањето на успешен попис е во насока на создавање на конкретни политики, за остварување и на заложбите на Владата во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година.
„Тука живеам, одлучувам, постојам“ е слоганот со кој почнува кампањата за пописот во државава, која ја спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите заедници во државата. Кампањата ја креира Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава, со финансиска поддршка од Европска Унија.
Директорот на Агенцијата, Еран Куртиш, посочува дека сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на Северна Македонија.
Според Агенцијата, најважно е на овој попис малобројните заедници да покажат дека можеме сите заедно да ги креираме политиките во државава.
„Затоа е многу важно да се почитува Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во Северна Македонија, со кој се уредува остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти, а се загарантирани со Уставот, како и надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и законите со кои се утврдени тие права“,
додава Куртиш.